Во рамките на долгогодишната и успешна соработка помеѓу UNFPA (Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите Нации во Скопје) и Министерството за Здравство, а во реализација на Македонското Лекарско Друштво (МЛД) и Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), во текот на првите три месеци од 2022 година продолжи работата на мобилните гинеколошки амбуланти за рано откривање на карциномот на грлото на матката преку бесплатен гинеколошки преглед и ПАП тест.
Истовремено, мобилните гинеколошки амбуланти покрај подигнување на свеста за значењето на редовните гинеколошки прегледи, овозможуваат соодветно советување за планирање на бременост и безбедно мајчинство, како и информираност, препознавање и грижа за секоја жена, жртва на родово базираното насилство.
Мобилните гинеколошки амбуланти овозможуваат здравствените услуги за репродуктивно и сексуално здравје да стигнат до сите ранливи категории на жени и девојчиња или жени и девојчиња кои живеат во тешко достапни области, области каде што нема матичен гинеколог. Во секоја заедница има “скриени” луѓе и групи. Во некои случаи, луѓето ненамерно се надвор од видното поле токму поради тоа каде и како живеат, како и поради несоодветниот пристап до информации.
Со приближувањето на услугите, се спречува и непотреното патување до здравствените установи, со што се заштитуваат семејствата од дополнителни финансиски трошоци, како и од чекање во чекалните со други пациентки за време на пандемијата со Ковид-19.
UNFPA се погрижија двете мобилните гинеколошки амбуланти да добијат нови ултразвучни апарати и дополнување на постојната опрема и потрошениот материјал, како и соодветен медицински материјал и опрема за лична заштита со цел да се задоволат потребните безбедносни мерки за Ковид-19.
Една од нашите обврски кон остварување на главната цел на мобилните гинеколошки амбуланти беше безбедно да пристигнат на терен и таму соодветно да ги спроведат теренските активности преку уредно сервирање на двете возила и навремено санирање на сите откриени дефекти.
Притоа, теренските активности се спроведуваа со две мобилни гинеколошки амбуланти. Соодветно беа формирани тимови од доктор, специјалист по гинекологија и акушерство и медицинска сестра, и преку претходно дефиниран распоред, започнувајќи од 1-ви декември 2021 година до 31-ви март 2022 година, беа реализирани вкупно 115 теренски активности преку кои беа опфатени 40 доктори и околу 80 медицински сестри/техничари од Универзитетската Клиника за Гинекологија и Акушерство, од Скопје.
Вкупен број на прегледани пациентки во периодот од 1-ви декември 2021 година до 31-ви март 2022 година преку двете мобилни гинеколошки амбуланти изнесуваше: 1055 пациентки.
Во прилог е табеларен и графички приказ на возраста и процентуална застапеност на пациентките.
Возраст на пациентките: | Вкупен број на прегледани пациентки: | Процентуална застапеност: |
15 до 30 години | 66 | 6% |
31 до 40 години | 156 | 15% |
41 до 50 години | 230 | 22% |
51 до 60 години | 321 | 30,5% |
61 до 70 години | 228 | 21,5% |
Постари од 71 години | 54 | 5% |
Неколку статистички податоци за работата на двете мобилни гинеколошки амбуланти:
- Мобилната гинеколошка амбуланта 1 беше достапна на терен од 1-ви декември при што во текот на месец декември и првите неколку денови од месец јануари продолжи да ги покрива руралните области околу Свети Николе заради огромниот интерес кој го пројавија пациентките од тие области, за да потоа продолжи во велешкиот регион, односно во Градско и Лозово, па во криво-паланечкиот регион односно во Ранковци, а до крајот на месец март беше стационирано во кумановското село Липково.
- Мобилната гинеколошка амбуланта 2 по добивањето на новиот ултразвучен апарат, беше соодветно подготвена и достапна на терен од 26-ти јануари, при што во последните денови од месец јануари им се овозможи преглед на девојчињата и жените од гостиварското село Врапчиште, од каде во месец февруари продолжи кон средишниот дел на Република Северна Македонија, односно во велешкиот регион и општината Чашка, за да во месец март заврши во кочанскиот регион во општината Чешиново и Облешево.
Статистички податоци според анализираните резултати од наодите на ПАП тестовите:
- Кај 36 пациентки на просечна возраст од 42 до 44 години е утврден причинител на
бактериска вагиноза, при што на пациентките им се дадени соодветни совети и
препораки за третман. - Кај 39 пациентки на просечна возраст од 45 до 47 години е потвдено присуството
на диморфната габична инфекција, Candida albicans, при што на пациентките им се
дадени соодветни совети и препораки за третман. - Кај 9 пациентки на просечна возраст од 50 до 52години е утврден е наод на
хронични инфламаторни промени на цервикалната мукоза асоцирани со ХПВ
вирусната инфекција. - Кај две од пациентките истовремено се добиените и резултати од ХПВ
типизацијата при што потврдено е присуство на високо ризичени ХПВ тип: 35, 39,
45 и ниско ризичниот тип 6. Притоа, дадени им се препораки за соодветна медикаментозна терапија и контролен ПАП тест со ХПВ типизација и колпоскопски преглед за 3 до 6 месеци.
- Кај една пациентка на 42 годишна возраст е утврден атипичен наод на плочестите
епителни клетки со недетерминирачко значење (ASC-US), при што дадена и е
препорака за ХПВ типизација, колпоскопски преглед и хистопатолошка
верификација на промените преку биопсија и киретажа.
Кај останатите пациентки утврден е нормален наод на цервикалната мукоза.
Вооедно, вагиналниот и абдоминалниот ултразвучен преглед ни овозможија да се откријат
и други болести/патологии на женските репродуктивни органи како што се: цервикали и
ендометријални полипи, ендометријална хиперплазија, фиброидни јазли или патолошки
цисти на јајниците. Притоа, секоја пациентка е соодветно едуцирана и упатена за
дополнителни прегледи или евалуација во терциерна здравствена установа.