Македонското здружение на гинеколози и опстетричари (Macedonian Association of Gynecologists and Obstetricians) – МАГО е организација која се грижи за интересите на специјалистите по гинекологија и акушерство во Македонија, од аспект на нивното заедничко претставување, континуирана медицинска едукација и предлагање на решенија за унапредување на здравствената заштита на жената, вклучувајќи ги и здравствените интервенции наменти за новороденчињата и брачниот партнер (во случај на инфертилитет).

МАГО ги обединува сите специјалисти и специјализанти по гинекологија и акушерство во организација со широко поле на дејствување за подобрување на условите и стандардите на грижа од областа на гинекологијата и акушерството, обезбедување на соодветна заштита на жената во тек на целиот животен век, од предпубертетната и пубертетна  фаза, целиот репродуктивен период, менопаузален и постменопаузален период.

МАГО се грижи за развојот на заштита на жената на сите нивоа на здравствена заштита- од примарно ниво на здравствена заштита преку услуги обезбедени преку матичен гинеколог и оптимална антенатална грижа, секундарно ниво на болничко лекување и координирана грижа со примарното ниво, и супспецијалистичка грижа обезбедена на терциерно ниво преку Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.

МАГО треба да биде активно вклучен во организацијата на здравствената грижа во соработка со владиниот и невладиниот сектор, бидејќи преку своите членови поседува капацитет и најдобар увид во реалното функционирање на тој дел од здравствениот систем, и може да предложи најсоодветни постапки за подобрување на здравствената заштита.

Сите активности на МАГО се во интерес на обезбедување на стандардна грижа која е поткрепена  на медицина базирана на докази, на територијата на  РС Македонија.