„Сексуално преносливи болести. Препознај, тестирај се и заштити се!” – реализирани едукативни работилници низ средните училишта

Македонската асоцијацијата на гинеколози и опстетричари преку меморандум за соработка, воспостави успешна соработка со Министерството за Образование и наука и Бирото за развој на образованието со цел организирање едукативни работилници на тема „Сексуално преносливи болести. Препознај, тестирај се и заштити се!” низ средните училишта ширум државава каде основна целна група беа адолесцентите на возраст од 16 до 18 години, односно средношколците од III и IV година. 

Реализирани беа вкупно 10 едукативни работилници (шест на македонски јазик и четири на албански јазик) водени од тим од доктор специјалист по гинекологија и акушерство и специјализант по гинекологија и акушерство. 

Зошто потребата од вакви работилници? 

Малиот одзив на адолесцентите од 15 до 24 години како и на младите сексуално активни жени до 30 години, нè наведоа да се запрашаме дали сексуалното и репродуктивното здравје се сè уште табу тема во нашата држава. 

Најчеста причина за лошата здравствена состојба кај младите е неинформираноста. Во прилог на тоа, наидовме на неколку достапни статистички податоци дека во нашето формално образование само 13% од учениците учеле за заштита од сексуално преносливи болести и примена на презерватив/кондом, а едвај 2% учеле или слушнале за орална контрацепција. 

Загрижувачки е и фактот дека вакцината против ХПВ (хуман папилома вирус) инфекцијата бележи најнизок опфат од сите вакцини опфатени во Календарот за вакцинација на Република Северна Македонија, а глобалните и националните фактите, не се на наша страна, односно, најчестата СПИ помеѓу сексуално активните адолесценти на возраст од 15 до 24 годишна возраст е Хуман папилома вирусот (ХПВ). 

Училиштето е клучно за развој и информирање на младите, а со тоа и вистинско место каде што тие треба да научат како да се грижат за своето здравје. 

Со таа цел сакавме информациите за иницијативата за мобилните гинеколошки амбуланти да стигне до адолесцентите, а истовремено и да ја зголемиме свеста за намалување на ризикот од карциномот на грлото на матката преку редовни гинеколошки прегледи и промоција на ХПВ вакцина, да ја зголемиме свеста за превенција од сексуално преносливи инфекции и да овозможиме соодветни совети за репродуктивното здравје и безбедно планирање на семејство преку едукативни работилници и делење на соодветен промотивен материја адаптиран на нивната возраст.  

Училишта во кои се реализираа едукативните работилници:  „Кочо Рацин“ во Св. Николе, „Кочо Рацин“ во Велес, „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово и „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка

Заклучоци и препораки

Првата активност од едукативниот план беше краток прашалник со цел проценка на основните предзнаење на учениците за сексуално преносливите инфекции, при што го извлековме следниов заклучок: 

  • дури 40% од учениците не сметаат дека луѓето кои почнуваат со својот активен сексуален живот на помлада возраст имаат поголема веројатност да се заразат од СПИ;
  • 20% од учениците сметаат дека кондомот може да помогне само во спречување на бременост, а не и во спречување на која било СПИ; 
  • 20% од учениците сметаат дека контрацептивните таблети може да ја заштитат девојката од СПИ;
  • 20% од учениците сметаат дека не можат да имаат повеќе од една СПИ во исто време;
  • Дури 35% не знаат дека еден од начините да се спречи ХПВ вирусната инфекција е преку вакцина. 

Нашиот генерален  впечаток е дека учениците пројавија исклучително голем интерес и активно беа вклучени во интерактивниот начин на едукативните работилници, но истовремено од горе наведените одговори доаѓаме до заклучок за значајната потреба од почесто имплементирање на креативни и интерактивни едукативни планови во образованието на различни теми со цел точна информираност и унапредување на репродуктивното и сексуалното здравје кај учениците.