Светски ден на контрацепција и Светски ден на безбеден абортус

Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) и оваа година гo одбележа Светскиот ден на контрацепција и Светскиот ден на безбеден абортус со прес конференција, едукативни предавања во средните училишта, секциски состанок за гинеколозите членови на МАГО и гостувања во телевизиски емисии.

На прес конференцијата МАГО заедно со ХЕРА –Aсоцијација за здравствена едукација и истражување го истакнаа следново:

36% од момчињатаи 3% од девојчињата на 15-годишна возраст веќе имале сексуално искуство.[1]Заштитениот сексуален однос е пракса кај само 20% од девојчињата и 62% од момчињата меѓу албанското население и кај 64% од момчињата и 52% од девојчињата меѓу македонското население. Од младите парови до 29-годишна возраст, само 12,8% користат модерно контрацептивно средство. Како последица, стапката на непланирана тинејџерска бременост е речиси трипати повисока од просекот на Европската Унија.

И покрај овие алармантни податоци, ниту едно од малкуте достапни модерни контрацептивни средства во земјава не е на Позитивната листа налекови. Од друга страна, иако буџетот за бесплатна модерна контрацепција задевојки и жени во ранливи ситуации предвиден со Превентивната програма за мајки и деца се зголеми од 100 илјади денари во 2022 година на 500 илјади денари, годинава бесплатна контрацепција добиваат само жените кои живеат во Скопје и тоа само преку Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (УГАК).  

И покрај тоа што годинава државата конечно обезбеди пристап до проверени информации за контрацептивните средства преку двојазичната веб-страница https://kontracepcija.mk што ја изработија Институтот за јавно здравје и ХЕРА, сепак државните политики и државните средства за покривање на контрацепцијата се незначителни. Ова го потврдува и Европскиот атлас наконтрацепција[2], според кој нашата држава е оценета со само 46,9 % и котира меѓу земјите во црвена боја,заедно со земји како Грција, Хрватска, Црна Гора, Русија, Белорусија, Турција и Унгарија.

Кога станува збор за безбедниот абортус, во текот на 2022 и 2023 година, МАГО и ХЕРА обучија 100 гинеколози за примена на медикаментозниот абортус (абортус со лекови) кој претставува многу поедноставна процедура за прекин на бременоста од хируршкиот, поради што со лекови се изведуваат дури 80 % од абортусите во Европа.

„Од 2020 година државата обезбедува пари преку Програмата за мајки и деца за набавка на лековите за медикаментозен абортус, но количината е недоволна. И покрај тоа што и кај нас медикаментозниот абортус многу повеќе себара отколку хируршкиот, пристапот до оваа здравствена услуга е отежнат бидејќи овие лекови не се регистрирани во земјата, па УГАК ги набавува единствено преку интервентен увоз. Овој процес може да трае долго поради тоа што мора да биде во согласност со планот за јавни набавки кој, пак, подразбира низа административни процедури. Ова, пак, ја доведува во прашање достапноста на медикаментозниот абортус кој може да се спроведе само до 12-та недела од бременоста“, вели Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА.

Оттука, државата треба во најкус рок:

·   Да ја прошири Позитивната листа на лекови со најмалку едно модерно контрацептивно средство, како што вети уште во 2017 година;

·  Годишно да го зголемува буџетот за бесплатни модерни контрацептивни средства во Програмата за мајки и деца и да изнајде успешен механизам за што е можно повеќе државни болници да добиват соодветни количини со што ќе се обезбеди рамномерен пристап до бесплатна контрацепција за жени од целата земја;

·  Да ги регистрира лековите за медикаментозен абортус и секоја година да го зголемува буџетот за нивна набавка преку Програмата за мајки и деца за да може оваа здравствена услуга да ја користат и жените надвор од Скопје.

Неможноста да се планира семејството има последици по сексуалното и репродуктивното здравје, образованието и економската независност. Оттука, грижата засексуалното и репродуктивното здравје мора да биде приоритет доколку државата сака да остане доследна на ветеното и не само да ги гарантира сексуалните ирепродуктивните права и слободи на своите граѓани, туку и да ја унапреди родовата еднаквост и да ги менува штетните родови норми.  

[1] Коалиција Маргини, Главни заклучоци од истражувањето „Колку се еднакви и безбедни младите во Македонија во нивниот сексуален развој и сексуални искуства”, http://coalition.org.mk/wp-content/uploads/2017/01/kszpmz_kolku-se-ednakvi-i-bezbedni-mladite_176mm-x-250mm_3mm-obrez.pdf

[2] Проект преку кој Европскиотпарламентарен форум за сексуални и репродуктивни права секоја година следи вокоја мера државите низ Европа обезбедуваат пристап до модерни контрацептивни средства, советување и точни информации за контрацепцијата онлајн и од страна на релевантните државни институции. https://www.epfweb.org/node/966

Секциски состанок „Орална контрацепција – за секоја бременост да биде планирана“