Мобилни гинеколошки клиники

Од 1 декември во Свети Николе започнува со работа мобилната гинеколошка амбуланта во која се вршат прегледи за рано откривање на ракот на грлото на матката.

Ковид пандемијата го усложни и го ограничи пристапот до здравствени услуги за жените, во делот на сексуалното и на репродуктивно здравје како и помошта при родово базираното насилство.

За да се надмине оваа ситуација и овие услуги да станат подостапни, од денеска во Свети Николе започнува со работа мобилната гинеколошка амбуланта, во која се вршат прегледи за рано откривање на ракот на грлото на матката.
Целта на работата на амбулантата е да се зголеми бројот на жени и девојчиња од 15 до 61 година кои ќе направат бесплатен ПАП тест, да се зголеми инклузивноста на жените и девојчињата од ранливите групи и кои живеат во рурални и оддалечени места и да се подигне свеста за важноста од редовни контроли.
Со мобилните здравствени услуги и превентивните прегледи ќе се намали инциденцата и смртноста од рак на грлото на матката.
Во мобилната гинеколошка амбуланта се достапни и совети за родово базираното насилство и за планирање на семејството.
Мобилната гинеколошка амбуланта е отворена секој работен ден од 9 до 14:30 часот. Прегледите ги вршат гинеколози од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје и од повеќе болници во државата.
Работата на мобилните гинеколошки амбуланти, коишто во наредниот период ќе бидат стационирани и во други општини низ државата, е овозможена со поддршка на Министерството за здравство, Македонското лекарско друштво, Црвениот крст и УНФПА – Фондот за население на Обединетите нации кои се носители на проектот и ја обезбедија целокупната медицинска опрема неопходна за функционирање на амбулантите.
Прегледите се бесплатни, а пријавувањето ќе се одвива преку матичните доктори.
За преглед во мобилната гинеколошка амбуланта, жените и девојките можат да се пријават и на телефонските броеви: 077/653-637; 078/443-994; 074/600-171; 032/443-171.