Оралното здравје за време на бременоста и во периодот на раното детство

Од 28 до 30 март 2022 година се одржа предавање на тема „Грижа за оралното здравје за време на бременоста и во периодот на раното детство“, наменето за клиничките и матичните гинеколози како и за медицинските сестри од гинеколошките клиники.

Предавањето го одржаа Виш.науч. сор. д-р Ефка Жабокова Билбилова, д-р сци и Спец. д-р Мр. Јасна Симоноска.

На следниот линк можете да ја најдете брошурата Грижа за забите за време на бременост и совети за грижа на забите на новите мајки, која е наменета за пациентки и гинеколози.

Брошура за орално здравје за време на бременост

Грижата за забите на новороденчето започнува уште пред неговото раѓање, со правилна балансирана исхрана на мајката за време на бременоста.
Во овој период, секоја жена треба да посвети особено внимание на сопственото орално здравје, бидејќи тоа е поврзано со здравјето на нејзиното новородено дете.
Од суштинско значење се советите во текот на бременоста и во периодот на раното детство со кои ќе се намали ризикот на појава на кариес на забите и заболувањата на гингиво – пародонталниот комплекс. Имено, навремената превенција и санација на кариозните лезии кај мајката, го намалува ризикот од појавата на т.н. “кариес на рано детство”, преку намалување на вертикалната трансмисија на кариогените бактерии од устата на мајката кон детето.
Исклучително важно е мотивирањето на трудниците за редовно и правилно одржување на оралната хигиена, едукација за консумирање на здрава некариогена храна, како и редовни стоматолошки прегледи.

Ова предавање е дел од проектот „Безбедни и иновативни здравствени услуги во време на COVID-19“, поддржан од Министерство за Здравство, МЛД, СЗО и УНФПА.