На ден 20 септември (среда) со почеток од 18:00 часот во просториите на Општина Центар (Матично), Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО, организира отворена панел дискусија “Премостување на предизвиците при дијагноза и лекување на гинеколошките карциноми – каде сме во моментов и каде се движиме?”. Панелисти на дискусијата ќе бидат претставник од Министерство за здравство – Асс. д-р Ајла Шабани, Фонд за здравствено осигурување – Д-р Магдалена Симоновска, Мој Термин – Жаклина Чагоровска,Проф. Д-р Виолета Клисарова – специјалист по радио терапија и онкологија, Проф. Д-р Горан Димитров – специјалист по гинекологија и акушерство, Милица Кузманоска – ФеминаМ, здружение за помош и поддршка за пациенти со гинеколошки заболувања. Модераторот на панелот ќе биде Проф. Д-р Глигор Тофоски, претседател на МАГО.
20 Септември, светскиот ден за подигнување на свеста за гинеколошките карциноми е совршено време за да се истакне колку е важно да се зборува за гинеколошки карциноми- нивната застапеност, можности за превенција и рана дијагноза. Во РС Македонија сеуште не е воспоставен регистар и точно дефинирање на подтипови кои имаат специфики во лекувањето (под 6% ретки гинеколошки карциноми). Панелистите ќе имаат можност да го истакнат своето мислење за предизвиците со кои се соочуваат здравствените работници, пациентите и нивните семејства, поставувањето на навремена и точна дијагноза, клиничкото искуство/неискуство, недостатокот на пристап до соодветна терапија, недостатокот на комерцијална изводливост за развој на нови терапии и тн.
Оваа дискусија претставува иницијатива – заедничка акција/партнерство на сите засегнати страни кои соработуваат со цел:
– да се постави прашањето за овие значајни здравствени предизвици во агендата на државната здравствената политика
– развој на национален регистар за гинеколошки карциноми
– развој на истражувачки/работни групи со цел подлабоко истражување (собирање на примероци) на ретките гинеколошки карциноми, и преку размена на знаења да се придонесе кон идентификување и промоција на соодветни решенија и најдобри практики – унифицирани клиничките протоколи
– вмрежување во референтни европски мрежи кои значително влијаат на полето на дијагноза и третман на гинеколошки карциноми
– унапредување на знаењето и вештините на здравствените работници при дијагноза и лекување на пациентите со гинеколошки карциноми
– aктивно да придонесе кон колективно учење преку зголемено информирање на јавноста за симптомите на гинеколошки карциноми
– подобрување на пристапот и опфатот со примарните превентивни прегледи – едукација на секоја девојка и жена за самопреглед (редовни контролни прегледи, физички преглед на дојка, самостојно земање на примерок за ХПВ типизација и др)
– подобрување на пристапот до специфични третмани за поедини типови на карциноми
– Подобрување на квалитетот на животот на пациентите преку подобрување на условите за нега и грижа.
Ќе ни биде особена чест доколку бидете дел од уште еден значаен настан од областа на женското здравје.
Заедно, може да направиме разлика во животот на сите граѓани, а највеќе на оние кои се дијагностицирани со гинеколошки карцином.
Со почит,
Проф. Д-р Глигор Тофоски
ИНИЦИЈАТИВАТА