Што претставува…
Асистираното вагинално породување е познато и како оперативно вагинално породување. Тоа подразбира употреба на посебно дизајнирани инструменти (вакуум екстрактор или форцепс клешти), со кои лекарот ви помага полесно и побрзо да го родите бебето.
Колку е често…
Бројот на асистирани вагинални породувања во светот е многу поголем споредбено со стапката во нашата земја. На пример, во Англија една од осум жени се породува со инструментална помош и притоа ова е многу почесто кај прворотки. Бебињата кои се родени со помош на инструмент, од било која причина, се најчесто во добра општа состојба по породувањето и примарната стабилизација, а исто така немаат никакви долготрајни последици. Едно асистирано вагинално породување не значи дека и следните породувања ќе ви бидат завршени на истиот начин.
Зошто би имало потреба од таа процедура…
Постојат повеќе причини заради кои може да имате потреба од асистирано вагинално породување и истите може да ги дискутирате со вашиот лекар, па и да учевствувате активно во донесување на дефинитивната одлука. Најчесто породувањето се завршува со помош на инструмент во следните ситуации:
- Присуство на загрижувачки знаци за добросостојбата на плодот
- Породување кое не напрадува со соодветна динамика
- Кога не сте во состојба активно да напнувате при самиот крај на породувањето
Асистираните вагинални породувања се поретки кај жени кои имаат предходни спонтани вагинални породувања. Со цел да се намали можноста од употреба на инструмент во тек на вашето породување мора да знаете дека породувањето е процес кој трае и за кој мора да бидете подготвени. Секогаш за сите дилеми консултирајте се со вашиот матичен гинеколог и побарајте соодветна поддршка од лекарот и акушерката во текот на самото породување. Со фаворизирање на некои положби по комплетна дилатација на устието на матката, како што се исправена положба и лежење на страна, може да се намали потребата од асистирано породување. Употребата на аналгезија за намалување на болката при породувањето, особено при употреба на епидурална аналгезија, се зголемуваат шансите за асистирано породување. Кога ќе започнат напоните, консултирајте се со вашиот лекар и акушерка кога е најдобро да започете да напнувате и да го буткате бебето. Некогаш може да добиете совет да го одложите напнувањето и за повеќе од еден час, зависно од индивидуалната медицинска проценка.
Ако лекарот одлучи вашето породување да го заврши со употреба на инструмент, од било која причина, зависно од ситуацијата може да се одлучи за вакуум екстрактор или форцепс клешти.
Постојат два типа на асистирани вагинални породувања…
Породување со апликација на вакуум екстрактор подразбира употреба на инструмент, со чија што помош преку предходно создаден вакуум се извлекува бебето надвор од вагината. Овие инструменти, налик на вендузи, може да бидат гумени, пластични или метални. Откако ќе се постави инструментот на главата на бебето вашиот лекар ќе ви објасни дека започнувате да напнувате со почетокот на следната контракција. Истовремено тој го повлекува бебето кон него, со што ви помага да се породите. Во одредени случаи инструментот може да се откачи, тогаш е потребно повторно да се прикачи и постапката да се повтори, до комплетно породување на главата на бебето. Остатокот од телото на вашето бебе го породувате самостојно, со вашите контракции и напони.
Породувањето со апликација на форцепс подразбира употреба на форцепс клешти, кои се мазни, метални инструменти и еден по еден се аплицираат во вагината околу главата на плодот. Вашиот лекар ќе ги постави и со следната ваша контракција ќе ви објасни дека треба да напнувате, со цел да му помогнете да го извлече бебето кон него, со што ви помага да се породите. Процесот може да не се заврши со една и можеби ќе ви бидат потребни неколку последователни контракции.
Породувањето со двата типа на инструменти опишани погоре е ефикасен и комплетно безбеден метод. Никогаш не треба да се чувствувате лошо ако вашето породување треба да се заврши со апликација на инструмент и не смеете да одбивате, односно да не соработувате во целокупниот процес. Секој дел од овие процедури се однесува на подобрување на исходот за вас и вашето бебе. Изборот за тоа кој инструмент ќе се употреби го прави вашиот лекар, зависно од добросостојбата на плодот и неговата позиција. Единствено треба да знаете дека ако имате потреба од асистирано породување пред 36 гестациска недела истото ќе биде направено со употреба на форцепс клешти, бидејќи тие се помазни и прилагодливи на главата на плодот, која во овој период од бременоста е многу помека. Ако породувањето со инструментот кое го избрал лекарот не заврши успешно тогаш вашиот лекар може да ви препорача употреба на другиот инструмент со цел да ве породи вагинално, или ако не постојат услови за тоа да ви понуди завршување на породувањето со итен царски рез.
Породувањето со вакуум екстрактор или форцепс клешта ќе ви биде понудено само ако тоа е најсоодветната и најбезбедната одлука на вашиот лекар во дадениот момент. Треба да знаете дека царскиот рез е оперативен зафат кој е поврзан со голем број на компликации, особено кога се изведува како итна процедура. Во некои случаи дури и ја зголемува шансата за ваша или повреда на вашето бебе, па посигурна опција е асистираното вагинално породување.
Процедура и последователен третман…
Пред да ви биде аплициран инструментот за асистирано породување лекарот треба да ве прегледа на ултразвук, како и вагинално, со цел да ја процени поставеноста на плодот и постоечките предуслови за апликација на инструменти. Во тек на овие прегледи нозете треба да ги држите кренати на боксот за породување, а акушерката ќе ви ја испразни бешиката со употреба на мало гумено цевче. Кај инструменталните породувања секогаш ќе имате потреба од сечење (правење на епизитомија), со цел да се зголеми просторот за манипулација и да му дозволи на бебето посигурно и полесно да се роди. При секое инструментално породување треба да има присутен педијатар-неонатолог кој веднаш ќе го преземе бебето за првична стабилизација и процена. По породувањето на бебето и плацентата ќе добиете локална анестезија и ќе бидат згрижени сите повреди на родилните патишта. Покрај терапијата за болки ќе ви биде ординиран и антибиотик, за превенција на инфекции. Породувањето со апликација на инструменти се врши само во здравствени установи кои имаат техничка и персонална можност за изведување на итен царски рез (операциона сала, тим за анестезија, интрументарка, педијатар).
По асистираното вагинално породување можеби ќе имате потреба од подолг престој во болница, со цел следење на крварењето од матката и процесот на зараснување на раните. Степенот на крварење е сличен како и по спонтано вагинално породување, во ретки случаи крварењата се нешто пообилни по употреба на инструмент. Кај инструменталните породувања жените секогаш имаат епизиотомија, чиешто зараснување е исто како и кај спонтаните вагинални породувања. Спонтаните руптури на мускулите на дното на карлицата, вагината или анусот се почести кај инструментални вагинални породувања (1% почести кај употреба на вакуум, 8% кај употреба на форцепс клешта), но нивното згрижување и брзина на зараснување се исти како и кај спонтаните вагинални породувања.
Слика во прилог на едукативниот материјал