Ракот на вулвата е вид на рак кој се јавува на надворешниот дел од женските гениталии. Вулвата е кожата која ги опкружува уретрата и вагината, вклучувајќи ги клиторисот и големите и мали усни.

Ракот на вулвата најчесто се појавува како тумор или рана на вулвата што често предизвикува чешање. Иако може да се појави на која било возраст, ракот на вулвата најчесто се дијагностицира кај постарите возрасни лица.

Симптоми

Знаците и симптомите на ракот на вулвата може да вклучуваат:

  • Постојано чешање што не поминува
  • Болка и осетливост
  • Крварење кое не е поврзано со цикличните менструални крварења
  • Промени на кожата, како што се промени во бојата или задебелување на кожата
  • Туморозни формации, израстоци слични на брадавици или отворена рана (чир)

Кога да се консултира гинеколог

Закажете преглед кај вашиот лекар од примарната здравствена заштита или гинеколог доколку почувствувате какви било постојани симптоми што ве загрижуваат.

Етиологија

Не е јасно што предизвикува рак на вулвата.

Ризик Фактори

Иако вистинската причина за ракот на вулвата сеуште не е позната, одредени фактори најверојатно го зголемуваат ризикот од оваа болест, вклучувајќи:

Напредната возраст. Ризикот од рак на вулвата се зголемува со возраста, иако може да се појави во која било возраст. Просечната возраст при дијагнозата е 65 години.

Инфекција со хуман папиломавирус (ХПВ). ХПВ е сексуално пренослива инфекција која го зголемува ризикот од неколку видови на рак, вклучувајќи рак на вулвата и рак на грлото на матката. младите, сексуално активни луѓе се изложени на инфекција со ХПВ, но кај повеќето инфекцијата поминува сама по себе без значајни последици. За некои, инфекцијата предизвикува мутација на клетките и го зголемува ризикот од појава на рак во иднина.

Пушењето. Пушењето го зголемува ризикот од рак на вулвата.

Ослабениот имунолошки систем. Пациентите кои примаат лекови кои  го потиснуваат имунолошкиот систем, како на пример пациентите подложени на трансплантација на органи и оние со состојби кои го ослабуваат имунолошкиот систем, како што е вирусот на хумана имунодефициенција (ХИВ), имаат зголемен ризик од рак на вулвата.

Анамнеза на преканцерозни состојби на вулвата. Вулварната интраепителна неоплазија е преканцерозна состојба која го зголемува ризикот од рак на вулвата. Повеќето случаи на интраепителна неоплазија на вулвата никогаш нема да се развијат во канцер, но мал дел од нив се преобразуваат во инвазивен карцином на вулвата. Поради ова, вашиот лекар може да препорача хируршко отстранување на областа на абнормални клетки и периодични последователни проверки.

Други кожни болести. Lichen sclerosus е кожна болест која предизвикува чешање и истенченост на кожата на вулвата, и со тоа значително го зголемува ризикот од рак на вулвата.

ПРЕВЕНЦИЈА

Намалете го ризикот од сексуално преносливи инфекции

За да го намалите ризикот од рак на вулвата, намалете го ризикот од сексуално преносливата инфекција ХПВ:

  • Користете заштита при сексуален однос. Кондомите може да го намалат ризикот од заразување со ХПВ, но не можат целосно да ве заштитат од него.
  • Земете ја вакцината против ХПВ. Малите девојчиња и девојки може да ја примаат вакцината против ХПВ, која штити од видовите на вирусот за кои се смета дека предизвикуваат најголем број случаи на рак на вулвата.

Редовни гинеколошки прегледи

Консултирајте се со вашиот лекар колку често треба да имате гинеколошки прегледи. Прегледот му дозволува на вашиот гинеколог визуелно да ја испита вашата вулва и мануелно да ги испита вашите внатрешни репродуктивни органи за да провери дали има абнормалности.

Разговарајте со вашиот лекар за вашите фактори на ризик за рак на вулва и други гинеколошки карциноми со цел да го одредите најсоодветниот распоред за превентивни прегледи.

ДИЈАГНОЗА

Дијагностицирање рак на вулва

Тестовите што се користат за дијагностицирање на рак на вулвата вклучуваат:

  • Преглед на вашата вулва. Вашиот лекар ќе спроведе физички преглед на вашата вулва за да бара абнормалности.
  • Колпоскопија. Во тек на колпоскопија, вашиот гинеколог користи уред кој работи како лупа за внимателно да се провери присуство на абнормалности.
  • Зимање примерок од ткиво за тестирање (биопсија). За да се одреди дали област со сомнителна кожа на вашата вулва е карцином, вашиот лекар може да препорача да се земе примерок од кожа за тестирање. За време на процедурата за биопсија, областа се обезболува со локален анестетик и се користи скалпел или друга специјална алатка за сечење за да се отстрани целата или дел од сомнителната област.

Одредување на стадиумот на карциномот

Откако ќе се потврди вашата дијагноза, вашиот лекар ја одредување големината и степенот (стадиумот) на вашиот карцином. Тестовите за одредување на стадиумот на карциномот вклучуваат:

  • Преглед на карличната област за знаци на ширење на карциномот. Вашиот лекар може да направи потемелно испитување на карлицата за знаци дека ракот се проширил.
  • Рендгенолошки испитувања. Сликање на вашиот граден кош или абдомен може да откријат дали ракот се проширил на тие области. Тие  вклучуваат нативна РТГ снимка, компјутеризирана томографија (КТ), магнетна резонанца (МРИ) и позитронска емисиона томографија (ПЕТ).

ТРЕТМАН

Опциите за третман на ракот на вулвата зависат од видот, стадиумот и локацијата на карциномот, како и од целокупното здравје на пациентката и нејзините желби.

Третманот на ракот на вулвата обично вклучува хируршка операција за отстранување на карциномот со мала количина на околно здраво ткиво. Понекогаш при оваа операција неопходно е отстранување на целата вулва. Колку порано се дијагностицира ракот на вулвата, толку е помала веројатноста да биде потребна ваков вид на радикална операција.

Хируршки третман

Операциите за лекување на рак на вулвата вклучуваат:

  • Отстранување на ракот со маргина во здраво ткиво (екцизија). 
  • Отстранување на дел од вулвата или на целата вулва (вулвектомија). 
  • Отстранување на неколку блиски лимфни јазли (биопсија на сентинел јазли)
  • Отстранување на поголем број лимфни јазли

Терапија со зрачење

Терапијата со зрачење користи зраци со голема моќност, како што се Х-зраци и протони, за да ги убие клетките на ракот. Терапијата со зрачење за рак на вулвата обично се администрира со машина која се движи околу вашето тело и го насочува зрачењето до прецизни точки на вашата кожа (зрачење со надворешен зрак).

Хемотерапија

Хемотерапијата е третман со лекови и хемикалии со цел целосно да се предизвика смрт на канцер клетките. Лековите за хемотерапија обично се администрираат преку вена на вашата рака или се примаат орално.

Превентивни прегледи по излекување

По вашето излекување од рак на вулва, вашиот лекар може да препорача периодични последователни прегледи за да се открие евентуално повторување на ракот. Дури и по успешен третман, ракот на вулвата може да се повтори. Вашиот лекар ќе го одреди распоредот на последователни испити што е соодветен за вас, но лекарите генерално препорачуваат прегледи два до четири пати годишно во првите две години по третманот на ракот на вулвата.