„Интерактивни образовни работилници за ментално и репродуктивно здравје кај деца“ во Општина Карпош

Македонското лекарско друштво и Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), со поддршка од Општина Карпош, го започнуваат проектот „Интерактивни образовни работилници за ментално и репродуктивно здравје кај деца“, со цел да ја унапредат свесноста и знаењето на младите за важни прашања поврзани со растењето и здравиот развој.

Проектот опфаќа 20 интерактивни едукативни работилници во основните училишта во Општина Карпош и е наменет за ученици од осмо и деветто одделение, наставници, стручни служби и родители. Работилниците ќе бидат реализирани од специјалисти по гинекологија и психолози, и ќе вклучуваат теми како:

  • Физички, когнитивни, емоционални и социјални промени за време на пубертетот;
  • Разбирање и елиминација на стигмата поврзана со менталното и репродуктивното здравје;
  • Поттикнување позитивна комуникација меѓу младите, родителите и наставниците;
  • Методологии за препознавање и справување со психо-социјални предизвици кај учениците.

Работилниците ќе бидат интерактивни, со практични активности, студии на случај, гледање едукативни видеа и креативна работа. Акцентот ќе биде ставен на отворен дијалог, емпатија и градење доверба, особено важни во чувствителниот период на пубертетот.

Проектот доаѓа како одговор на сè поголемите предизвици со кои се соочуваат младите, како што се недоразбирања со возрасните, емоционална збунетост, и сè почеста појава на штетни навики, меѓу кои е и користењето на тутунски и слични производи кај учениците од VII и VIII одделение.

„Нашата цел не е да создадеме авторитет, туку да изградиме разбирање. Кога постои разбирање – постои и доверба, а со тоа и можност за навремена и искрена комуникација со младите“, изјави проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на МАГО.

Проектот ќе се реализира од март до мај 2025 година. За родителите и наставниците, работилниците ќе се одржат онлајн или во живо, во согласност со можностите и потребите на училиштата.

Со поддршка од Министерството за образование, и во рамките на потпишаниот меморандум со МАГО, оваа иницијатива претставува значаен чекор кон подобра здравствена едукација и заштита на учениците.