Потребата за непречено обезбедување на здравствена заштита на жените и девојчињата е неопходна за превенција на гинеколошките заболувања и зачувување на нивното сексуално и репродуктивно здравје. Затоа, уште во тек на Ковид 19 пандемијата беше промовиран проектот “Безбедни и иновативни здравствени услуги во време на Ковид-19”, што опфаќаше мобилни гинеколошки амбуланти кои даваа здравствени услуги во регионите каде нема или нема доволно матични гинеколози (пред се во руралните средини).
Во текот на 2022 година, беа реализирани 220 теренски посети, со кои беа опфатени околу 2200 жени и девојки кои живеат во тешко достапни региони и региони каде што нема матичен гинеколог како: Македонски Брод, Демир Капија, Делчево, Старо Нагоричане, Конче, Чешиново, Облешево, Ранковце, Чашка, Могила, Василево, Врапчиште, Теарце, Липково, Градско, Крушево, Дојран, Центар Жупа – дебарско и т.н.
Во изминатиов период, откриени се 35 пациентки со различни типови на предканцерозни промени (присуство на ХПВ, цервицитис, диспластични промени на грлото на матката, рак на грлото на матката, рак на вагината и др) кои се упатени на дополнителни контроли, терапија или оперативен зафат, каде навременото лекување и контрола спречува влошување на состојбата и развој на напреден стадиум на рак на грлото на матката.
При вагиналниот и ултразвучниот преглед во мобилните гинеколошки амбуланти се открија и други болести/патологии на женските репродуктивни органи како што се: цервикали и ендометријални полипи, ендометријална хиперплазија, миоми и патолошки цисти на јајниците. Притоа, секоја пациентка е соодветно информирана за состојбата и упатена за дополнителни прегледи или евалуација.
Сите овие откриени случаи овозможуваат заштеда во трошоците на лекување, како и побрзо и поефикасно целосно излекување на пациентките, што им овозможува понатаму да живеат нормален здрав живот. Затоа и Министерството за здравство, препознавајќи ги придобивките од овој начин на приближување на неопходните превентивни прегледи до оваа популација во ризик, цврсто застана во подршката за продолжување на посетите со Мобилните гинеколошки амбуланти.
„Секој еден рано откриен карцином, значи еден повеќе спасен човечки живот“
Освен по регионална, беше овозможена достапност на гинеколошките услуги и за ранливите социјално-економски категории во соработка со институциите на државата и невладиниот сектор и тоа за:
· жени-осудени лица распределени во затворите во Република Северна Македонија преку пристап до Казнено поправната установа „Идризово”;
· корисниците на дроги, сексуалните работници и други маргинализирани заедници (преку соработка со невладината организација ХОПС – Опции за здрав живот Скопје);
· жените и девојките од ромските семејства кои живет во прилепската населба Тризла, прилепско (преку соработка со Ромскиот Ресурсен Центар и Здружението за перспективна интеграција и развор Рома Перспектив Прилеп;
· жените и девојките вработени во текстилните компании (преку соработка со Здружението за заштита на работничките права “Гласен текстилец”, Штип;
· жените и девојките мигранти и баратели на азил во нашата држава (преку соработка со Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе “Ла Страда – Отворена порта”.
По возрасни групи на прегледани пациентки, најголем одзив бележиме кај жените на возраст од 50 до 60 години, или 30%, а најмалиот од девојките и млади жени на возраст од 15 до 30 години – само 5%. Затоа се прават и теренски дополнителни едукации на младите за да се разбере потребата од навремен и превентивен гинеколошки преглед.
Мобилните гинеколошки амбуланти претставуваат специјално адаптирани возила за брза помош, кои имаат гинеколошки стол, ултразвучен апарат и можности за земање на разни иследувања, во кои прегледот го врши специјалист гинеколог-акушер во придружба на медицинска сестра.
Пациентките кои се закажуваат за преглед со помош на Црвениот крст на Р.С. Македонија и семејните лекари во одредената општина, добиваат целосно интегрирана здравствена услуга- бесплатен гинеколошки и ултразвучен преглед и ПАП тест со цел рано откривање на ракот на женските органи (грлото на матката, јајниците и ендометриумот).
Истовремено, пациентките добиваат и совети за планирање на семејството и безбедно мајчинство, како и информации, грижа и упатување во случај на постоење на родово базираното насилство.
Прегледите се интегрирани во електронскиот здравствен систем (Мој Термин) што овозможува дополнителни упатувања за иследувања и преглед во други здравствени установи.
Овој проект кој беше поддржан од UNFPA (Фондот за население на Обединетите Нации) и Министерството за здравство, значително го олесни пристапот на овие жени до соодветна гинеколошка заштита и заради значајното влијание кое го оствари, во 2022 година беше дел од “Програмата за рана детекција на малигните заболувања на Република Северна Македонија за 2022 година и спречување на ракот на грлото на матката” – изготвена од Министерството за здравство на Република Северна Македонија.
Активностите на мобилните гинеколошки амбуланти се реализираат преку соработка со Универзитетската Клиниката за гинекологија и акушерство-Скопје, со Македонското лекарско друштво (МЛД), Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), и Црвениот Крст на Република Северна Македонија.
Само по однос на проценетиот трошок на државата (односно Фондот за здравство), годишно за третман на жените што боледуваат од напреден стадиум на рак на грлото на матката се издвојуваат речиси 29 милиони денари, а со добра превенција и редовни ПАП прегледи, трошоците ќе бидат десеткратно помали, а квалитетот на животот на жените ќе биде драстично подобрен.
Со работата на мобилните гинеколошки амбуланти, се овозможува достапноста на здравствените услуги кај жени и девојки кои имаат отежнат пристап, се остварува превентивна заштита и се постигнува подобра здравствена едукација на жените во Македонија, а по евентуално откривање на заболување се овозможува соодветен третман.