Во Велика Британија, повредите на перинеумот од трет или четврти степен (исто така познато како акушерска повреда на аналниот сфинктер – OASI) се јавуваат на 3 од 100 жени кои имаат вагинално породување. Почесто е при првото вагинално раѓање и се јавува кај 6 од 100 жени, во споредба со стапката 2 од 100 жени кои претходно имале вагинално породување.
Оваа информација е за вас ако сте имале OASI за време на породувањето или ако сте роднина или пријател на некој што е во оваа ситуација.
Клучните точки
• Расцеп од трет или четврти степен е повреда на перинеумот со зафаќање на аналниот сфинктерен комплекс. Вашиот перинеум е областа помеѓу вагиналниот отвор и анусот.
• Секоја повреда е различна и закрепнувањето од трет или четврти степен расцеп може да варира. Може да чувствувате болка или непријатност што може да влијае на вашата подвижност додека се опоравувате.
• Психолозите може да понудат дополнителна помош за жените кои сметаат дека нивното ментално здравје било на некаков начин загрозено како резултат на родилното искуство или ефектите од породилните повреди.
• 6-8 од 10 жени со расцеп од трет или четврти степен нема да имаат долготрајни компликации.
• Мал број жени ќе имаат потешкотии во контролирањето на дефекацијата или на гасовите. Ова се нарекува анална инконтиненција.
• Постои специјализиран третман достапен за жени со анален инконтиненција, во форма на физиотерапија или операција.
Што е перинеална повреда-расцеп?
Кај многу жени настануваат повреди на перинеумот за време на породувањето, односно во моментот кога бебето ја истегнува вагината и перинеумот. Малите, длабоки повреди само на кожата се познати како расцеп од прв степен и обично заздравуваат природно. Повредите кои се подлабоки и ги опфаќаат мускулите на перинеумот се познати како повреди од втор степен. За овие повреди е потребно сутура.
Што е епизиотомија?
Епизиотомијата е пресек направен од здравствениот работник во текот на породување, се прави со специјална ножица и ги пресекува вагиналниот ѕид и перинеумот. Треба да се направи ако вашето бебе треба да се роди побрзо или да се направи повеќе простор за вашето бебе да се роди полесно. Можно е епизиотомијата да се прошири и да настане подлабока повреда.
Што е повреда од трет или четврти степен?
Повреда од трет степен е расцеп што го опфаќа мускулот што го контролира анусот (аналниот сфинктер). Доколку расцепот се протега понатаму во слузницата на анусот или ректумот, тоа е познато како повреда од четврти степен.
Што е директна ректална повреда?
Ова е ретка повреда и се јавува кога аналниот сфинктер не е оштетен, но има процеп помеѓу ректумот и вагината. Ова значи дека гасовите и изметот може да се испуштаат низ вагината наместо преку анусот. Ова не е нормален настан после породувањето и доколку ви се случува, треба итно да го посетите вашиот матичен гинеколог.
Што се случува ако имам повреда од трет или четврти степен?
Ако има сомневање или е потврдено повреда од трет степен, четврти степен или изолиран ректален расцеп, потребно е тие да се санираат хируршки во операционата сала, што е можно поскоро по раѓањето на вашето бебе. Ќе ви треба краткотрајна интравенска анестезија, епидурална или спинална анестезија (ретко, може да биде неопходна и општа анестезија). Можеби ќе треба да ви се постави интравенска канила на вашата рака за да ви се даваат течности, додека не бидете во можност да јадете и пиете. Веројатно ќе ви треба катетер (цевка) внатре во вашиот мочен меур за да се испразни урината. Ова обично се чува додека не сте во можност самите да одите до тоалетот.
По операцијата:
• треба да ви се даде лек за ублажување на болката како парацетамол и ибупрофен; може да побарате посилен лек против болка ако има потреба
• се препорачува да се земе антибиотик за да се намали ризикот од инфекција
• се советува да земате лаксативи за полесно и поудобно да се испразнат цревата
• се препорачува преглед кај физиотерапевт; ова може да биде додека сте во болница или на следната контрола.
Ретко, на жените им е потребна друга операција за да се поправи повредата. Треба да побарате совет од вашиот гинеколог во кој било момент ако сте загрижени за начинот на кој вашата рана заздравува.
Дали ќе можам да дојам?
Да. Ниту еден од понудените третмани нема да ве спречи да доите. Сепак, некои жени имаат потешкотии со седењето долго време. Доење во поинакви положби од седењето или користење на пакувања со мраз на вашиот перинеум, може да биде од помош. Ако сметате дека ви треба дополнителна поддршка, треба да разговарате со вашиот матичен гинеколог, или специјализиран инструктор за доење.
Што може да ми помогне да се опоравам?
Чувајте го вашиот перинеум чист. Секојдневно да се миете само со вода. Не користете никакви препарати за гениталната област. Редовно менувајте ги хигиенските влошки. Измијте ги рацете пред и по одење во тоалет. Овие мерки ќе го намалат ризикот од инфекција.
Што треба да знам за моите шавови (конци)?
Ќе имате шавови помеѓу вагината и анусот, а исто така и на кожата. Тие се ресорптивни, што значи самите ќе се разградуаат (омекнуваат и испаднат), при што може да забележите мали нишки во влошките или во бањата. Можно е некои конци да ги осетите подолг период, дури до три месеци, особено тие околу анусот.
По повреда на перинеумот, веројатно ќе чувствувате оток или болка 4-6 недели по породувањето, особено при одење или седење. Шавовите може да направат иритација во тек на заздравувањето, но тоа е сосема нормално.
Уринирањето може да предизвика пецкање – истурање вода над областа при мокрење може да помогне.
Ако сте загрижени за начинот на кој вашата рана зараснува или ако забележите какво било крварење од повредата, мирис или какво било зголемување на болката, треба да го посетите вашиот лекар. Ова може да биде знак на инфекција и можеби ќе ви требаат некои антибиотици за да се помогне заздравувањето.
Што треба да знам за моите црева?
Испразнувањето на цревата не треба да влијае на вашите конци. Првите неколку дена по санирањето на расцепите од трет или четврти степен, контролата на вашите црева можеби нема да биде толку добра како пред да го родите вашето бебе. Важно е да се јаде добро и да се пие многу вода за да се избегне запек односно цврста столица. Треба да пиете барем 2 литри вода секој ден и да јадете здрава храна (на пример овошје, зеленчук, житарки и интегрален леб).
Кога имате нагон за испразнување на цревата, најдобрата положба за седење е да ги поставите стапалата на столче за да ги подигнете колената над колковите (види слика). Ова помага да се исправи положбата на цревото. Обидете се да се опуштите и да ги потпрете лактите на колена. Издигнете го стомакот со големи абдоминални вдишувања – ова ќе ви помогне да го испразните изметот без напрегање. Одвојте време и не брзајте.
Како можам да ја подобрам контролата на мочниот меур и дебелото црево?
Важно е да се прават вежби на карлицата колку што е можно порано по раѓањето. Ова ги зајакнува мускулите околу вагината и анусот и помага во процесот на заздравувањето. Вашите карлични мускули нема да бидат многу силни веднаш по породувањето.
Можеби чувствувате дека на почетокот имате многу малку сензација во карличното дно, но тоа ќе се подобри колку повеќе ги правите вежби.
Ако сензацијата не се подобри, може потребен е дополнителен третман како што е физиотерапија, особено ако имате уринарна или цревна инконтиненција. Физиотерапијата може да ви помогне како правилно да стискате и да ги зајакнете мускулите на аналниот сфинктер за да се подобри инконтиненцијата.
Што е анална инконтиненција?
Аналната инконтиненција е кога имате проблеми со контролирање на цревата. Симптомите вклучуваат ненадејни, неконтролирани нагони за испразнување на цревата и неможност да ги контролирате гасовите. Можно е да се измокрите или да ви истекува неволно измет. Повеќето повреди од трет или четврти степен целосно заздравуваат, но некои жени може да ги добијат и овие непријатни симптоми. Важно е да разговарате за какви било грижи што ги имате. Жените со анална инконтиненцијата ќе бидат упатени на специјалистички тим за третман, кој може да вклучи физиотерапија или операција.
Што треба да очекувам кога ќе се вратам на нормални дневни активности?
Закрепнувањето на секоја жена ќе биде различно, а исто така и она што тие го сметаат за нормални дневни активности се разликуваат. Ако сте имале расцеп од трет или четврти степен, треба да избегнувате напорни активности или кревање тешко 4-6 недели. По 4-6 недели, можете постепено да ја зголемувате вашата општа активност.
Грижата за новороденчето и закрепнувањето од операцијата после повреда на перинеумот може да биде тешко. Поддршка од семејството и пријателите навистина може да ви помогне додека вашето тело постепено се прилагодува и станува подобро. Ако продолжете да чувствувате симптоми по 6 месеци, посетете го вашиот лекар.
Доживувањето на компликации при породувањето може да биде многу вознемирувачко и тешко, а кај некои жени постои ризик од посттрауматско стресно растројство (ПТСН). По повреда на перинеумот, доколку имате чувство на анксиозност, лошо расположение или чувство дека ви треба дополнителна поддршка, треба да разговарате со вашиот лекар.
Кога можам да имам секс?
Многу жени се загрижени од помислата повторно да имаат сексуален однос откако ќе се породат, особено кога доживеале повреда од трет или четврти степен. Откако ќе ви зараснат раните и крварењето престанува, можете повторно да имате секс, секако кога ќе се чувствувате дека е соодветно за вас и вашиот партнер.
Важно е да изберете и користите соодветен метод на контрацепција, бидејќи е можно да забремените многу брзо по породувањето, дури и пред да имате менструација. Можете да разговарате за вашите опции за контрацепција со вашиот лекар.
Перинеалната масажа, самостојно или со вашиот партнер, може да ви помогне да се чувствувате поудобно пред повторно да почнувате да имате секс. Може да забележите дека вашата вагина се чувствува посува од вообичаено, особено ако доите. Може да биде корисен лубрикант растворлив во вода.
Сексот може да биде непријатен и да се чувствува различно на почетокот, но непријатноста не треба да трае. Вие и вашиот партнер може да бидете вознемирени и зборувањето за овие чувства може да помогне, бидејќи е важно и двајцата да се чувствувате спремни и опуштени. Ако продолжите да чувствувате болка или непријатност, треба да ги споделите овие грижи со соодветен здравствен консултант или психолог.
Какви последователни контроли треба да очекувам?
Можеби ќе ви биде препорачан следен преглед во болницата за 6-12 недели откако ќе го родите вашето бебе, со цел да се провери дали вашата рана заздравува правилно. Ќе ви бидат поставени прашања за тоа дали имате проблеми со контролирање на цревата. При постоење на ваков проблем може да бидете упатени кај соодветен специјалист. Ќе имате и можност да разговарате за раѓањето и за сите грижи што можеби ги имате.
Што е со моите идни планови за раѓање?
Ако добро се опоравивте и немате никакви симптоми, можеби ќе сакате да размислите и за следно вагинално раѓање. Ако имате продолжени симптоми од повредите од трет или четврти степен, можеби треба да размислите за планирано породување со царски рез.
Во моментов, постојат ограничени докази за тоа дали сте или не се изложени на зголемен ризик да имате уште една повреда од трет или четврти степен. Се смета дека жените кои имале повреда од трет или четврти степен во тек на првото породување имаат шански за слична повреда при нивното следно вагинално раѓање 7-10 на 100 раѓања. Фактори на ризик за повторно настанување на повреда од трет или четврти степен вклучува раѓање со вакуум или форцепс или раѓање на бебе со тежина над 4 килограми.
Ќе можете да разговарате за вашите опции за идни раѓања со матичниот гинеколог. Вашиот лекар ќе ги истражи вашите индивидуални искуства и преференции, со што би донеле правилна и навремена одлука.
Донесување одлука:
Заедничко одлучување
Ако ве прашуваат да направите избор, може да имате многу прашања. Можеби ќе сакате да разговарате и за вашите опции со вашето семејство или пријатели. Може да помогне да се напише список со прашања за кои сакате да добиете стручен одговор.
Поставете 3 прашања
За почеток, обидете се да бидете сигурни дека ги добивате одговорите на три клучни прашања ако од вас се бара да направите избор за вашата здравствена заштита.
1. Кои се моите опции?
2. Кои се добрите и лошите страни на секоја опција за мене?
3. Како да добијам поддршка која ќе ми помогне да донесам одлука што е правилна за мене?