Повеќеплодова бременост

Што претставува…

Мултипна или повеќеплодова бременост подразбира дека во исто време имате повеќе од едно бебе во матката. Најчесто се работи за близначна бременост, односно две бебиња, но неретко и за тројна бременост, па и повеќе. Се случува кај една од 60 бремености и шансите за мултипна бременост се поголеми кај постари жени и оние кои лекуваат стерилитет. Близнаците или тројките може да бидат идентични или различни, што во медицинската терминологија ќе го сретнете како монозиготни и ди/три зиготни. Идентичните близнаци потекнуваат од една јајце клетка, која била оплодена само со еден сперматозод, а потоа се поделила на два или три плода. Овие близнаци делат исти гени, ќе бидат од ист пол и ќе изгледаат исто. Не-идентични или различни близнаци се оние кои потекнуваат од различни јајце клетки, кои била оплодени со различни сперматозоиди. Ако твоите бебиња се не-идентични тие ќе имаат сличност во изгледот, како и сите други браќа или сестри од исти родители.

Поделба…

Хорионицитет подразбира број на плаценти, односно дали твоите бебиња имаат заедничка, или секое своја посебна плацента. Ако твоите близнаци се со една плацента тие се монохориати и ќе бидат идентични меѓусебе. Ако секое бебе си има своја посебна плацента тогаш тие се бихориати и може да се разликуваат, но во одредени случаи може да бидат и идентични. Бројот на плаценти се одредува при првите ултразвучни прегледи и многу е важно тоа да се следи уште од првиот триместар, бидејќи бебињата кои делат една плацента имаат значително поголем ризик од компликации во тек на бременоста. На првиот ултразвучен преглед покрај бројот на плацентите треба да се одреди и бројот на вреќичките, односно амнионските празнини каде што се сместени плодовите. Според сите овие поделби близнаците може да бидат:

  • Биамниати бихориати- ова значи дека секое бебе има своја плацента и своја вреќичка, овој тип на бременост е најчеста
  • Монохориати биамниати- ова значи дека бебињата делат една иста плацента, но се сместени во две посебни вреќички
  • Монохориати моноамниати- ова значи дека двете бебиња делат една иста плацента и се сместени во една вреќичка. Ова е најредок тип на близначна бременост.

Слично на ова, ако се работи за тројки бременоста може да биде трихорионска, дихорионска и монохорионска.

Во тек на бремноста може да очекувате…

Повеќето жени кои имаат повеќеплодова бременост имаат сосема здрава бременост и ќе родат здрави бебиња. Како и да е, компликациите се многу почести кај близначните бремености и затоа во текот на бременоста е потребна поголемо внимание и почести контроли. Проблемите кои се јавуваат кај најголем дел од трудниците, како што се утрински мачнини, гадење, отечени глуждови, варикозни вени, болки во грбот и малаксаност се значително почести кај близначните бремености. Сите од овие симптоми се повлекуваат брзо по породувањето, но ако истите се со изразен степен и го попречуваат вашето нормално функционирање консултрирајте се со вашиот матичен гинеколог. 

Дополнително, споредбено со единечните бремености, повеќеплодовите бремености се почесто поврзани со посериозни компликации како:

  • Анемија, најчесто предизвикана од дефицит на железо, заради негово активно депонирање во ткивата на плодовите. Заради честотата на оваа компликација треба да правите редовни контроли на крвна слика и во случај на детекција на анемија да започнете терапија со железо. 
  • Прееклампсија, ова е состојба во која имате покачен крвен притисок и протеини во урината во тек на бременоста. Вашиот крвен притисок и уринарниот седимент треба редеовно да бидат следени од матичниот гинеколог и зависно од ризик факторите ќе ви биде предложена терапија со таблети аспирин, со цел да се намали можноста за појава на оваа серизона компликација. 
  • Оперативно породување, близначните бремености имаат значително поголема шанса да завршат со породување со царски рез и околу опциите за породување треба навремено да разговарате со вашиот лекар.
  • Постпартална хеморагија- ова значи дека по породувањето може да крварите повеќе од нормалното. Со оваа цел веднаш по раѓањето ќе добиете лекови кои ќе ја намалат можноста за пообилни крварења.

Компликации…

Близначните бремености се поврзани и со одредени ризици за плодовите. Околу 8 од 100 бебиња се раѓаат предвремено (пред 37 гестациска недела), а оваа стапка е многу повисока за близначните бремености. Ова е резултат на предвремените контракции и предвременото породување кај повеќеплодовите брермености, но и на потребата од предвремено породување заради превенција на одредени компликации. Ако сте бремени со близнаци имате 60% шанса да се породите пред 37 гестациска недела, а ако сте бремени со тројки имате 75% шанса да се породите пред 35 гестациска недела. Бебињата кои се раѓаат пред време имаат поголем ризик од развивање на инфекции, отежнато дишење и проблеми со исхраната. Колку порано се родат шансите за овие компликации се поголеми. Зависно од гестациската недела при самото породување вашите бебиња ќе имаат потреба од нега во единиците за интензвина неонатална нега и терапија. Најдобро е бебињата секогаш да биат згрижени заедно, но при одредени медицински компликации можеби ќе има неодложна потреба тие да се раздвојат.

Кај мултипните бремености плодовите често имаат проблеми со растот додека се во матката. Ова е најчесто резултат на намалена функција на плацентата и со тоа забавување на растот на плодовите, а некогаш и нивно доведување во животозагрозувачка состојба. Постојат случаи во кои сите плодови се помали, но неретко се соочуваме со бремености кај кои само едниот плод заостанува со растот во матката. За рана детекција и превенција на неповолните исходи, сите пациентки со повеќеплодова бременост треба да имаат почести контроли. Пациентките со бихориатна биамниатна бременост треба да прават ултразвучни контроли на најмногу 4 недели, почнувајќи од 24 гестациска недела. Пациентките со монохориатна биамниатна бременост треба да прават ултразвучни контроли на најмногу 2 недели почнувајќи од 16 гестациска недела. Пациентките со тројна бременост или повеќе плодови треба да прават ултразвучни контроли базирано на индивидуалната процена од страна на лекарот.

Честа појава, со која може да се сретнете при близначна бременост, е трансфузија од близнак на близнак. Тоа значи дека плодовите делат иста плацента и го делат нејзиниот крвоток. Во околу 15 од 100 бремености од овој тип (15%) се јавува дисбаланс во крвотокот и се јавува синдромот на трансфузија на крв од близнак на близнак. Ова може да се сретне и кај тројните бремености. Во оваа ситуација едниот близнак се означува како донор и тој прима многу малку крв, додека пак другиот близнак се означува како примач, и тој добива поголема количина на крв. Овој синдром може да биде лесен и да не бара третман, но може да биде и многу сериозна компликација при што може да имате потреба од третман во специјализирана установа (специјален третман кој во моментот не е достапен во нашата држава). Пациентките се монохориатни бремености, треба да побараат итна помош од својот матичен гинеколог ако почувствуваат:

  • Ненадејна абдоминална болка
  • Краток здив и лесно заморување
  • Промена во динамиката на движењата на плодовите

Следење на бременоста…

Повеќеплодовите бремености се следат како и единечните бремености, само со акцент на почести контроли и индивидуализиран план во одредени околности, зависно од процената на случајот од страна на лекарот. Тие не се исклучени од регуларниот скрининг за хромозомопатии во прв триместар (12-14 гестациска недела). Но, она што треба да го знаете е дека биохемискиот скрининг за хромозомопатии во прв триместар, познат како PRISCA, има значително помала сензитивност на резултатите, споредбено со единечните бремености. Ова е најчесто резултат на неможноста за одвојување на плодовите, особено при добивање на резултат за зголемен ризик од хромозомопатии. Во овие случаи може да имате потреба од дополнителни инвазивни процедури. Дополнително, близначните бремености не се исклучени од редовниот ултразвучен преглед за фетален скрининг во втор триместар, и тие носат многу поголем ризик за детекција на некои структурни аномалии. 

Породување и постпородилен период…

Породувањето кај повеќе плодовите бремености најчесто се извршува во терциерна здравствена установа, и тоа како резултат на предвременото породување и потребата од соодветна неонатална нега на новородените. Близначни бремености кои се над 37 гестациска недела при породувањето може да се терминираат и во здравствена установа со пониско ниво на здравствена заштита. Секоја близначна бременост има потреба од индивидуална процена и креирање на план за породување. Тоа зависи од многу околности, особено од постоењето на компликации во бременоста, кои се причина за потреба од планирано предвремено породување. Ова се прави бидејќи побезбедно за бебињата е да се родат предвремено, отколку да останат во матката, под ризик од компликации. Препорачано време за породување е:

  • По 37 гестациска недела за бихориатни биамниатни бремености 
  • 34-36 гестациска недела за монохориатни биамниатни бремености
  • 32-34 гестациска недела за монохориатни моноамниатни бремености
  • Околу 35 гестациска недела за тројки

Со вашиот матичен гинеколог дискутирајте околу планот и начинот за породување уште од 24 гестациска недела. Одлуката за вагинално породување или пак оперативно со царски рез зависи првенствено од тоа како бебињата лежат во твојата матка, но и од тоа како растат и дали имаат дополнителни компликации. Двата начини на породување имаат свои предности, недостатоци и ризици. Ако првото бебе, кое лежи поблиску до грлото на матката, е поставено со главата надоле и ако бременоста немала други компликации, тогаш може да се породите и спонтано-вагинално. Ако првото бебе е поставено со тртицата надоле, со нозете надоле или во коса или попречна положба, тогаш мора да се породите оперативно со царски рез. При припрема за породување медицинската сестра ќе ви постави венска канила, за добивање на соодветна терапија и по потреба анестезија. Ќе бидете поставени на континуиран кардиотокографски мониторинг (ЦТГ) ако се породувате спонтано, односно вагинално. По породување на првото бебе ќе се клемува неговата папочна врвца и таа заедно со плацентата ќе остане во матката додека да се породи второто бебе. Лекарот ќе провери како се поставило во матката второто бебе со помош на вагинален и ултразвучен преглед. Второто бебе обично се породува 30-60 минути по првото. Во некои случаи се јавува итна потреба од породување на второто бебе со итен царски рез и тоа во случаи во кои вагиналното породување не е безбедно за второто бебе. По породувањето на двете бебиња ќе добиете анестезија со цел згрижување на повредите на меките родилни патишта и евентуално проверка на матката за задржани делови од плацентите.

По породување со повеќеплодова бременост жените имаат потреба од поинтензивен монитринг, заради тоа што имаат зголемен ризик од крварење. По испис од болница направете задолжителен преглед кај вашиот матичен гинеколог по 4 недели, во одредени случаи или загриженост за одредена промена посетете лекар веднаш.

Слики во прилог на едукативниот материјал

Monochorionic twins - Wikipedia

211 Twin Pregnancy Illustrations & Clip Art - iStock

Categories: Uncategorized