На 15-ти ноември оваа година, светската популација ја достигна бројката од 8 милијарди жители. По тој повод Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари, поддржана од Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Македонското лекарско друштво (МЛД), на 23-ти ноември организираше панел дискусијата чија тема беше:”Обезбедување и почитување на човековите права во светот од 8 милијарди жители. Планирањето на семејството, како алатка за напредок”.
Република Северна Македонија има ниска преваленца на употреба на современи контрацептивни методи, а владата, уште во 2017 година во својата програма вети дека ќе воведе барем една бесплатно контрацептивно средство на позитивна листа, но до денес тоа ветување не е исполнето.
“Оваа панел дискусија се случува токму околу датумот кога светот ја достигна бројката од 8 милијарди, а бројот 8 има своја симболика – тоа е формата бесконечност, и значи повик за градење на свет со неограничени можности. Еден од условите за да имаме ваков свет, е планирањето на семејство. Достигнувањето на нула незадоволена потреба за планирање на семејство, е една од трите глобални цели на Фондот за население на Обединети Нации, УНФПА.” – истакна во своете обраќање шефицата на Канцеларијата на УНФПА, Афродита Шаља.
Претставникот од Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, Цвете Серафимовски, директор на секторот за контрола, истакна дека во нашата држава има соодветна регулатива која ја овозможува достапноста на оралните контрацептиви на пазарот (аптеките), но недостасува интерес за да се донесат контрацептивните средства во нашата држава, а тоа најверојатно се должи на општествените ставови, односно како високо религиозно опшество, со патријахални ставови, општество во кое сеуште е ниска свеста за улогата на жената -побарувачката е мала, а ограничената побарувачка, ја ограничува и понудата.
Цвете Серафимовски истакна и дека во моментов во рамките на Министерството за здравство е формирана работна група која изготвува правилник, по чие усвојување, Министерот за здравство ќе формира комисија која ќе ја разгледа позитивната листа, а ФЗО ќе се заложи да се воведе барем едно контрацептивно средство на позитивната листа – која не е отворена цели 20 години и во која има лекови кои се застарени, или веќе не се во производство.
Жените во репродуктивна возраст немаат самодоверба и слобода да побараат или поразговараат за овие услуги. Но, еден дел од вината можеби ја носат и здравствените работници. Се чини дека здравствените работници немаат доволно мотивација и желба, знаења а и време за советување на пациентите за планирање на семејство. Истовремено, сеуште се заробени во предрасуди и погрешни, осудувачките и непочитувачки ставови.
Во оваа насока, Иванка Стојаноски, раководител на секторот, одговорно лице на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата на Министерството за здравство, истакна дека во моментов МЗ има формирано работна група која изготвила упатство за семејно планирање кое е во завршна фаза, и се чека да ја помине административната процедура за да потоа биде дистрибуирано до сите здравствени работници од примарното здравство, а ќе има за цел да им помогне на семејните лекари активно да учествуваат во едукацијата на своите пациенти за планирање на семејство и достапностата на контрацептивни методи во нашата држава.
Речиси половина од светското население е помладо од 25 години. Овие, 3 милијарди, се најголемата генерација на млади – до сега. Овие млади се нашата сегашност и нашата иднина. Бирото за развој на образование во нашата држава од есенва почна со пилот проект за сеопфатно сексуално образование само во четири основни училишта за до 2026 година да го воведе само како изборен предмет.
Дел од панелистите беше и Д-р Горан Стеваноски, офицер за медицинска едукација при Медицинскиот Факултет при УКИМ, кој истакна дека образовниот процес е клучен за промени во однесувањето на општеството, односно младината во иднина, бидејќи преку образовниот процес се овозможува интернализација на вредностите, а не само пренос и трансвер на информации- затоа доколку се започне со формално образование веднаш, и взаемно се проткаи со неформалното образование за неколку години ќе имаме поголема свест и грижа за сексуалното и репродуктивното здравје помеѓу младите.
Последниот панелист од првиот дел на панел дискусијата, новинарот Наташа Јанчиќ Менковски кој истакна дека медиумите имаат моќ позитивно да влијаат на предрасудите и митови за планирањето на семејството, но неопходна им е едукација и обуки, а неопходна им е и поголема соработка со здравствените работници со цел да се намалат погрешните информации.
За тоа колку земјите во регионот се во чекор со општествените промени, во чекор со дигиталната ера при креирањето на национални програми; за општествените ставови, бариерите, достапноста и цените на контрацептивните средства зборувавме со: Доц. Д-р Даниела Иванова Панева,претседател на Македонското здружение за педијатриска и адолесцентна гинекологија, специјалист по гинекологија и акушествто во Република Северна Македонија, Д-р Алба Мердани, специјалист по социјална медицина, вработена во Институтот за Јавно здравје на Република Албанија, Примариус Доц. Д-р Рахимид Хидајет, специјалист по гинекологија и акушерство на Босна и Херцеговина и Проф. Д-р Мерита Бериша од Институ за јавно здравје на Република Косово.
На крајот од панел дискусијата, претседателот на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари, МАГО, Проф. Д-р Глигор Тофоски, наведе неколку заклучоци и едно ветување дека МАГО ќе иницира заедничка средба/состанок на сите релевантни и клучни фактори со цел подготовка на програма за планирање на семејство со одржлива рамка и долгорочни промени.