17 Ноември – Светски ден на предвремено родени деца

Светскиот ден на предвремено родените, 17-ти Ноември, треба да нè потсети на здравствените предизвици и потреби со кои се соочуваат предвремено родените бебиња, но и нивните семејства. Овој ден треба да ја подигне свеста за здравствените ризици и сериозноста на предвременото породување. 

Секоја година, околу 15 милиони бебиња ширум светот се раѓаат пред 37-та гестациска недела, а околу 1 милион не преживуваат. 

Во нашата држава, стапката на предвремено родени – во 2021 година изнесувала 8,9%, а најмалото бебе е родено во 23-та гестациска недела, со родилна тежина од само 700гр.

Предвременото породување може да предизвика краткорочни и/или долгорочни здравствени проблеми. Но, не сите предвремено родени бебиња доживуваат компликации. Повеќето од нив вообичаено се развиваат како и нивните врсници. 

Предвремено родени се физичарот Алберт Ајнштајн, писателот Марк Твен, францускиот писател Виктор Иго, императорот Наполеон и научникот Исак Њутн

Околу 11,4% од бременостите завршуваат со предвремено породување. Посебното внимание и грижата, не им е потребна само на бебињата. Честопати тоа и треба и на мајката. Секое предвремно породување кај мајката причинува голем физички и емоционален стрес. Мајките често губат сон, страдаат од чувство на вина, анксиозност, депресија и се чувствуваат неуспешни. 

На овие малечки и нивните мајки им треба љубов и поддршка, а Светскиот ден на предвремено родените, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари, МАГО, ќе го искористи за промоција на контактот кожа на кожа

Контактот кожа на кожа може да се случи во било кое време, на било кое место – секогаш кога на бебето му треба утеха или смирување. Контактот кожа на кожа го помага снабдувањето со мајчино млеко, а овој прв чекор – добивањето храна – го поттикнува физичкиот развој на бебето. Истовремено, ќе му помогне и побрзо да се прилагоди на животот надвор од матката – регулирајќи му ја телесната температура; намалувајќи го нивото на кортизол – хормонот за стрес, а со тоа и стомачните грчевите, болката, и бебешкиот плач. Ги стабилизира виталните параметри. Овозможува релаксација и длабок сон и создава посилен имунитет. 

Кога бебето ќе ги отвори очите и прво ќе ја погледне мајката, контактот кожа на кожа го поттикнува емоционалниот и социјалниот развој.  

Сензациите кои му кажуваат на мозокот на бебето дека надворешниот свет е безбеден се мирисот на мајката, движењата, и контактот кожа на кожа. Ако мозокот не ги добие тие гаранции, развојот на мозокот не напредува толку ефикасно. Ефектите на созревање на мозокот се долгорочни. 

Контактот кожа на кожа ги зајакнува мајките во грижата за нивното предвремено родено бебе. 

Мајката додека го држи своето бебе на гради нивото на окситоцин, пролактин и ендорфин се зголемува, а тоа придонесува за емоционална поврзаност со бебето и предизвикува интензивни чувства на љубов и заштита. 

*Студија на предвремено родени бебиња покажуваат дека тие кај кои се применувал контактот кожа на кожа имаат подобра функција на мозокот како тинејџери во споредба со тинејџерите кои биле ставени во инкубатор. 

Categories: новости