Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари, МАГО, оваа година го одбележува септември како месец за подигнување на свеста за ретките гинеколошки карциноми. По тој повод од 18-ти септември (недела) до 20-ти септември (вторник) 2022 година, во соработка со Македонското Лекарско Друштво и со поддршка од European cooperation in science and technology-COST ќе се организира меѓународната работилница “Updates on Rare Gynecological Cancer: Focus on Pathological Aspects and Beyond” – “Новини за ретките гинеколошки карциноми – со фокус на патолошкиот аспект и пошироко” наменета за доктори, специјализанти и специјалисти од повеќе медицински области.
Приближно 18,5 милиони жени годишно се заболени од гинеколошки карцином, а скоро на секој 5 минути, стотици деца ги губат своите мајки, а илјадници родители ги губат своите ќерки.
На глобално ниво, се проценува дека гинеколошките карциноми сочинуваат приближно 19% од ново дијагностицираните карциноми кај жените, а дури повеќе од 50% од овие карциноми може да се класифицираат како ретки, со приближно 80.000 нови случаи годишно во Европа.
Стапките на смртност од ретките гинеколошки карциноми се високи поради моменталниот недостаток на разбирање на нивната патофизиологија.
Ретките гинеколошки карциноми исто така се асоцираат и со лоша прогноза (петгодишна вкупна стапка на преживување на пациентите со редок гинеколошки карциноми е само 48,5%, што е во остар контраст со стапката на преживување од 63,4% за пациентите со почести видови на карциноми), главно поради одложена дијагноза, поради клиничко неискуство, недостаток на знаење и ограничените терапевтски опции.
Ретките гинеколошки карциноми ретко добиваат внимание од науката, во клиничките истражувања и здравствените политики. Денес, 20-ти септември, или светскиот ден за гинеколошките карциноми да го одбележиме со неколку факти :
- Иако сите видови на карциноми на јајниците се невообичаени, одредени подтипови се исклучително ретки. Околу 10% до 15% од карциномите на јајниците се сметаат за ретки.
Годишно, околу 19.880 жени ќе добијат нова дијагноза на карцином на јајчник, а од нив дури околу 12.810 жени ќе умрат од карцином на јајниците.
- Карциномот на јајниците е рангиран на петтото место по смртност од сите карциномите кај жените во светот, а на првото место од сите гинеколошките карциноми.
- Стапката на 5-годишно преживување е само 17%.
- Најагресивниот карцином на телото на матката, саркомот е еден од ретките гинеколошки карциноми со помалку од 4%, со исклучително лоша прогноза и лош одговор на постоечките терапии – хируршка операција, радио и хемотерапија.
- Карциномите на вулвата сочинуваат 3% од карциномите на женскиот репродуктивен систем.
Или, на глобално ниво, секоја година се дијагностицираат околу 44.000 жени со карцином на вулвата, чија петгодишна стапка на преживување на напредната болест е исклучително ниска.
- Карцином на вагината е многу редок, дури помалку од 2% од сите карциноми на гениталиите кај жените. Притоа, секоја година, околу 17.500 жени во светот се дијагностицираат со примарен вагинален карцином, а најчесто ги погодува жените во постменопауза, на возраст над 50 години.
Мултидисциплинарниот пристап и вмрежувањето е од суштиинско значење за совладување на бројните предизвици, а надминувањето на предизвиците може да доведе до развој на нови помалку или неинвазивни дијагностички методи, како и подобрување на третманот, зголемување на примената на нанотехнологијата и развој на потенцијални бази на податоци со биобанкарство.