Светска недела на доењето

Светската недела на доењето се слави низ светот од 1992година, од 1-ви до 7-ми август. Оваа глобална кампања има за цел да ја поддигне свеста за доењето и неговите предности, а поради падот на бројот на мајки кои сакаат да дојат, иницијативата стана суштинска. 

Во Република Северна Македонија, мајките сакаат да дојат. Дури 90% од новороденчињата кои биле родени во последните две години, биле доени. Но, само 41% од новороденчињата под 6 месеци биле на екслузивно доење, oдносно 2 од 3 новороденчиња не се доени само со мајчино млеко. А, знаете ли колку ги чини родителите чие дете во текот на првата година се храни со вештачко млеко? Дури 840евра годишно!

Дали може знаете дека во античка Грција се сметало дека млекото на грчката божица има посебна моќ, како што е бесмртноста? Дали знаете дека мајчиното млеко на Хера го направило Херакле непобедлив, и дека го формирало дури и Млечниот Пат? 

Мајчиното млеко е совршена храна за Вашето бебе! Млекото се менува во волуменот и составот во зависност од времето во текот на денот, зачестеноста на доењето и возраста на Вашето бебето. Контактот “кожа на кожа” и ексклузивното доење му помагаат на Вашето дете да биде здраво. Бесплатно е, лесно за сервирање и секогаш на идеална температура!

Тоа ги обезбедува сите потребни хранливи материи во соодветни пропорции. Хипоалерично е, и заштитува од алергии и астма. Природно ја намалува сериозноста на одредени инфекции и стомачни вируси. Во својот состав има антитела од мајчиниот имунитет. Содржи аминокиселини кои го стимулираат развојот на мозокот на бебето. Доените бебиња имаат подобри резултати на тестовите за интелегенција. Помага во развојот на видот на бебето. Го намалува ризикот од дебелина, дијабетес, проблеми со дебелото црево, па дури и некои видови рак. 

Досега не е откриено пренесување на активниот вирус Ковид – 19 преку мајчиното млеко и доењето, затоа нема причина да се прекине доењето доколку сте инфицирани со вирусот! 

Истовремено, додека дои, мајката полесно ги согорува вишок калории. Доењето ја штити мајката од рак на дојка и јајници. 

Шишенцето можеби ќе го наполни стомачето на Вашето бебе, но доењето ја исполнува неговата душа! Доењето е мајчин подарок за самата мајка, нејзиното бебе, но и цела планета! Токму така гласи и овогодинешното мото на Светската недела на доењето е: “Поддржете го доењето за поздрава планета!”.

Categories: Uncategorized