28 Мај-Светски ден на менструалната хигиена 

Македонската Асоцијација на гинеколози и опстетричари, МАГО, Ве повикува заедно да го одбележиме 28-ми мај, Денот на менструалната хигиена!
Менструацијата го најавува почетокот на физиолошката зрелост кај секое девојче адолесцент, и станува дел од нејзиниот живот се до менопаузата.
28-миот ден од месецот е избран затоа што 28 го означува „циклусот од 28 дена” кој се смета за просечен, нормален менструален циклус, додека пак месецот мај, или 5-от месец од годината го означува времетраењето на едно нормално менструално крварење. Сепак, ова е стандардна или просечна пресметка, што не значи дека отстапувањето од овие стандарди означува постоење на некаков репродуктивен проблем или дека жената или девојчето адолесцент не се совршено здрави.
Во текот на денов, една од седум жени со кои денес ќе разговарате, има менструално крварење.
Насекаде во светот, секојдневно, околу 500 милиони жени и девојчиња, немаат соодветен пристап до производи за менстурална хигиена, додека пак во нашата држава, од спроведени анкети, извлечен е заклучок дека скоро секоја трета учесничка во анкетата, барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи или тоалетна хартија.

Според студијата на Тиииит! Инк. , „Менструалнa правда“, нашето општество сеуште ги „учи“ девојките дека е „срамно“ да имаат дамки од менструација на облеката, а голем број од девојчињата и жените секојдневно се обидуваат да ги скријат влошките (или други производи за менструална хигиена) кога ги носат во тоалет или кога купуваат во продавница, затоа што е „срамно да се гледаат влошки“.
Состојбата на јавните тоалети во нашата земја говори за тоа дека истите немаат услови за безбедно и достоинствено одржување на менструалната хигиена.

Речиси секоја трета учесничка во истражувањето одговорила дека барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира за да ја одржува хигиената во периодод на менструацијата.
71% од анкетираните жени или девојки користат лекарства против менструална болка. За набавка на лекарствата 64% трошат до 300 денари месечно.

Извор https://tiiiitinc.com/storage/studija_menstrualna_pravda_MK.pdf

Затоа, менструацијата повеќе не треба да биде табу. Менстуалното здравје и хигиена е од суштинско значење за благосостојбата и зајакнувањето на жените и девојчињата адолесценти, и затоа неопходно е да се подигне свеста и секоја жена или девојче удобно и самоуверено да зборува за овој природен феномен, и без трошка срам да се грижи за својата менструална хигиена.

Categories: новости