Превенција и рано откривање на рак на грлото на матката

Грлото на матката (цервикс) претставува долниот, тесен дел на матката кој ја поврзува нејзината внатрешна празнина со вагината. Рак на грлото на матката означува состојба на присуство на малигни клетки во ткивото на грлото на матката. Поедноставно кажано тој настанува кога нормалните клетки на грлото на матката преминуваат во абнормални клетки со неконтролиран раст. 

Ракот на грлото на матката е единствениот гинеколошки рак кој може да се превенира со спроведување на рутински превентивни тестови. Доколку е откриен и третиран на време, ракот на грлото на матката во голема мера може да се излекува со иницијалната операција.

Најчести симптоми

Во ран стадиум ракот на грлото на матката може да не појавува знаци и симптоми, додека во подоцна фаза може да се јави крварење по сексуален однос, или појава на абнормален вагинален исцедок. Доколку имате појава на вакви симптоми веднаш треба да посетите гинеколог!

Причина за настанување

Појавата на рак на грлото на матката е поврзано со присуство на ХПВ (хуман папилома вирус). Вирусот се шири преку директен контакт кожа-на-кожа, вклучувајќи секусални односи, орален секс, анален секс или друг контакт кој ја вклучува гениталната површина. Освен ова постојат и други состојби кои можат да го зголемат ризикот од појава на болеста вклучувајќи:

  • Пушење цигари
  • Слабост на имуниот систем (ХИВ или друга состојба која го прави телото послабо за борба со здравствените проблеми)
  • Користење на таблети за превенција од бременост во подолг период (5 или повеќе години)

Како се поставува или потврдува дијагнозата?

Процедурите за поставување и потврдување на дијагнозата се следните: 

  • ПАП тест
    • Претставува еден од најсигурните и најефеикасните скрининг методи во моментов. Со овој тест можеме да откриеме преканцерозни промени на грлото на матката кои може да се третираат на време и ефикасно за да се спречи појавата на рак на грлото на матката. Раното откривање на ракот на грлото на матката овозможува и ран ефективен третман. Појавата на рак на грлото на матката најчесто се јавува кај жени кои никогаш не направиле ПАП тест или нивниот последен ПАП тест бил пред повеќе од 5 години. ПАП тестот е единествен скрининг тест само за рак на грлото на матката и ниту еден друг тип на рак.
  • ХПВ тестирање
    • Се употребува за откривање на ХПВ вирусот кој може да предизвика промени на клетките на грлото на матката. За жени над 30 годишна возраст и повозрасни може да се направи рутински заедно со ПАП тест (ко-тест) во склоп на скринингот за рак на грлото на матката, а исто така се користи и кај пациентки од 21 годишна возраст или повозрасни, каде што резултатот од ПАП тестот не е доволно јасен.
  • Колспоскопски преглед
    • Кога вашиот гинеколог добива резултат кој е нејасен или абнормален наод на ПАП тестот прави колпоскопски преглед, и според наодот донесува одлука за натамошните дијагностички постапки (земање на примерок од грлото на матката за потврдување или отфрлање на дијагнозата). 
    • Колпоскопот го зголемува полето на вид кое е насочено кон грлото на матката. По претходно специјално пребојување на грлото на матката, со помош на колпоскопот се гледаат промените кои не можат да се видат со „голо око“, се одредува нивната локализација и степенот на абнормалности на грлото на матката. Методата се изведува во амбулантски услови и е безболна. 
  • Биопсија на грлото на матката 
    • Земање на примерок од грлото на матката за анализа и потврдување/отрфлање на дијагнозата. 

Кога и колку често треба да се прави ПАП тест?

Сите сексуално активни жени треба да започнат со редовно земање на ПАП тест на возраст од 21 година (или најмалку 2 годни по првиот сексуален однос). Колку често треба да се прави ПАП тестот зависи од повеќе фактори:

  • Сексуално активните жени помлади од 30 години би требало да прават ПАП тест секопја година. 
  • Aко имате над 30 години и претходните резултати од ПАП тестот се нормални, вашиот доктор може да ви препорача дека следниот ПАП тест ќе го направите за 3 години
  • Ако имате 30 или повеќе години, можете да одберете ХПВ тестирање заедно со земање на ПАП тестот. И двата теста се земаат истовремено. Ако резултатите се нормални, можноста од добивање на рак на грлото на матката во наредните 5 години е многу мала. Вашиот доктор тогаш може да ви предложи следниот скрининг да ви биде за 5 години.
  • Важно е да продолжите со јавување на ПАП тест според препораките од вашиот матичен гинеколог (без разлика на возраста или сексуалната активност). Вашиот матичен гинеколог може да ви советува да не правите повеќе ПАП тест доколку:
    • Имате повеќе од 65 години и имате нормален резултат за ПАП тест неколку години последователно
    • Сте имале оперативен зафат при кој бил отстрането грлото на матката како дел од целосна хистеректомија (отстранување на матката) заради не-канцерозна состојба, како што е постењето на миоми.

Што значи резултатот од мојот ПАП тест?

Резултатите од ПАП тестот се означуваат со термините: „нормален“, „нејасен“ или „абнормален“ наод.

Нормален наод: нормален (или негативен) резултат од ПАП тестот значи дека нема промени на клетките од грлото на матката. Но и покрај тоа, важно е и понатаму да се продолжи со редовни ПАП тестови заради тоа што може да дојде до развој на нови промени на клетките во иднина.  

Нејасен наод: вашиот гинеколог може да употреби други зборови за да го опише овој резултат, вклучувајќи двосмислен, неубедлив наод или ASC-US (постоење на клетки со недетерминирано значење). Сите овие термини означуваат ист наод, односно дека вашите клетки од грлото на матката изгледаат како да се абнормални. Не е јасно дали ова е поврзано со ХПВ инфекција или други животни промени, како бременост, менопауза, или други инфекции. ХПВ тестирањето може да помогне доколку промената на клетките е поврзана со ХПВ.

Абнормален наод: означува дека кај клетките кои се земени од грлото на матката се најдени промени. Ова не значи дека постои рак на грлото на матката, и не треба да е причини за особна вознемиреност. Најчесто, малите промени самите се враќаат во нормала, додека посериозните промени – преканцерогените – може да преминат во рак доколку не се лекуваат. Ако вашиот тест е абнормален, многу е важно да се консултирате со вашиот гинеколог бидејќи најверојатно ќе треба да се направат дополнителни тестови или третман. 

Како да се намали ризикот од добивање на рак на грлото на матката

  • Редовна посета на гинеколог
    • Редовно правење на скриниг за рано откривање на преканцерозни и канцерозни состојби на грлото на матката (ПАП тест)
    • Редовно следење на состојбата ако резултатот од тестот е незадоволителен според препорите од вашиот гинеколог
  • Заштите се од ХПВ инфекција
    • Разговарајте со вашиот гинеколог во врска со начинот на пренесување и заштита од ХПВ инфекција, користете презервативи при сексуални односи, ограничете го бројот на сексуални партнери
  • Престанете да пушите 
    • Пушењето му штети на вашето тело. Ако сте пушач и имате докажана инфекција со ХПВ вирус имате зголемен ризик за добивање на цервикален рак. 
  • ХПВ вакцинација
    • Вакцината заштитува од ХПВ типовите кои се најчести причинители на рак на грлото на матката, вагината или вулвата. Се препорачува кај пред – тинејџерската популација која е  на возраст од 11 до 12 години, но може да биде опфатена и популација од 9 до 26 годишна возраст. Вакцината се ординира во две или три дози во зависност од возраста. Важно е да се напомене дека и кај вакцинираните жени е неопходно изведување на редовен ПАП тест за скрининг на рак на грлото на матката.
Categories: Uncategorized