Менаџмент на предвременот породување

Менаџирањето на предвременото породување е насочено кон подобрување на вашето и здравјето на вашето бебе. Терапијата која се користи кај заканувачкото предвремено породување е насочена кон обезбедување на максимална корист за плодот од самото одложување на моментот на породување.
Препорачаното мирување кај детектиран ризик од предвремено породување, подразбира избегнување на тешка физичка работа и сексуални односи, а не комплетно мирување во кревет. Континуираното лежење не се препорачува бидејќи ги зголемува ризикот од формирање на тромби, ја ослабува и редуцира коскената маса и доведува до губиток на мускулната сила и тонус. Ако постои ризик за предвремено породување, а сепак останете дома, вашиот лекар може да препорача терапија во домашни услови. Тоа се хормонските прогестеронски препарати во форма на инјекции или вагиналети. Инјекциите се препорачуваат кај пациентки со историја за предвремено породување, кои пријавуваат предвремени контракции и/или имаат скратен и/или дилатиран цервикс и во оваа бременост. Вагиналната форма на прогестерон се дава кај пациентки кои немале предходно предвремено породување, а пријавуваат предвремени контракции и/или имаат скратен и/или дилатиран цервикс. Прогестеронските препарати може да се користат до 36 гестациска недела. Групата на пациентки кои имаат скратен цервикс, а историја на предходно предвремено породување, може да бидат кандидати и за серклаж, хируршка метода за затворање на грлото на матката со конец или лента.

Ако вашиот лекар препорача хоспитализација, таа може да значи потреба од итно породување, очекувано породување во следните 24 часа или пак третман со цел одложување на породувањето. Зависно од тоа во каков здравствен центар сте ја побарале првата помош понатамошната нега ќе се одвива во истиот, или пак ќе бидете насочени кон друга здравствена установа. Најчестата терапија која се користи кај заканувачко превремено породување во болнички услови е кортикостероидната терапија, магнезиум сулфатот и антибиотиците. Со нивна комбинација се овозможува побрзо созревање на органите на плодот, редуцирање на ризикот за одредени компликации и одложување на породувањето.

Categories: Uncategorized