Предвремено породување

Една нормална бременост трае 40 гестациски недели и секое породување кое запонува пред 37ма гестациска недела се нарекува предвремено породување. Некогаш породувањето се случува предвреме и покрај тоа што сте биле комплетно здрави и сте се грижеле за себе во текот на бременоста. Добивањето на предвремени контракции не значи дека сигурно ќе се породите пред време, кај три од десет жени кои добиле некој знак или симптом на предвремено породување состојбата се санира сама по себе, без дополнителна терапија или пак потреба од болнички третман. Сепак, ако во било кој момент се сомневате дека ќе се породите пред време веднаш побарајте медицинска помош! Можете телефонски да го контактирате вашиот матичен лекар или да ја посетите најблиската болница. Добивањето на брза и стручна помош е од особено значење.
Најголем ризик од предвремено породување имаат жените со историја за предвремено породување, односно жените со предходно предвреме родено бебе имаат 2-3 пати поголема шанса повторно да се породат пред време. Сепак една поголема група на жени ќе се породи пред време без било какви јасни ризик фактори.
Знаците и симптомите на предвременото породување може да бидат многу нејасни и збунувачки, па така голем дел од жените бараат помош кога е веќе многу доцна. Некои знаци и симптоми кои треба да ве наведат да се консултирате со вашиот лекар околу понатамошните чекори се :
Предвремени контракции, кои се јавуваат како безболни/болни стегања на стомачните мускули (стомакот се стега како топка или тупаница)
Благи болки во долниот дел на стомакот, кои многу наликуваат на менструалните
Тапа болка во долниот дел на грбот
Чувство дека бебето притиска кон долу, односно притисок кон дното на карлицата
Промена на бојата на вагиналниот секрет
Вагинално крварење
Истекување на околуплодова вода
Покачена телесна температура, без друга симптоматологија
Генерално чувство дека “нешто не е во ред со бременоста”

Причини за предвремено породување
Основните причини зошто се појавува предвремено породување не се сеуште доволно прецизно дефинирани, но шансите да се породите пред време се поголеми ако:
Веќе имате едно предвремено родено бебе
Имате чести инфекции на уринарен тракт
Крварите вагинално
Воденикот ви прсне пред 37 гестациска недела
Имате вродени аномалии на матката
Имате поголема количина на плодова вода
Сте имале хируршки интервенции (операции) на грлото на матката
Повеќеплодова бременост (близнаци, тројки)
Нередовно контролирана бременост
Дополнително внимавајте ако:
Пушите цигари
Користите опојни дроги
Имате знаци за потхранетост
Помлади сте од 20 години
Постари сте од 40 години

Штом побарате помош во здравствена установа, заради сомневање за предвремени контракции, вашиот лекар треба да направи:
кардиотокографски запис (CTG) со цел да ја мониторира срцевата работа на плодот и да ги забележи евентуалните контракции
ултразвучен преглед, трансабдоминален и трансвагинален
вагинален преглед со цел да се провери цервикалната дилатација и состојбата со воденикот
По комплетирање на прегледот вашиот лекар може да ви препорача:
Понатамошен нормален тек на бременоста, со утврдени следни контроли
Мирување во домашни услови, терапија и почести контроли
Хоспитализација и болнички третман

Менаџмент на предвременот породување
Менаџирањето на предвременото породување е насочено кон подобрување на вашето и здравјето на вашето бебе. Терапијата која се користи кај заканувачкото предвремено породување е насочена кон обезбедување на максимална корист за плодот од самото одложување на моментот на породување.
Препорачаното мирување кај детектиран ризик од предвремено породување, подразбира избегнување на тешка физичка работа и сексуални односи, а не комплетно мирување во кревет. Континуираното лежење не се препорачува бидејќи ги зголемува ризикот од формирање на тромби, ја ослабува и редуцира коскената маса и доведува до губиток на мускулната сила и тонус. Ако постои ризик за предвремено породување, а сепак останете дома, вашиот лекар може да препорача терапија во домашни услови. Тоа се хормонските прогестеронски препарати во форма на инјекции или вагиналети. Инјекциите се препорачуваат кај пациентки со историја за предвремено породување, кои пријавуваат предвремени контракции и/или имаат скратен и/или дилатиран цервикс и во оваа бременост. Вагиналната форма на прогестерон се дава кај пациентки кои немале предходно предвремено породување, а пријавуваат предвремени контракции и/или имаат скратен и/или дилатиран цервикс. Прогестеронските препарати може да се користат до 36 гестациска недела. Групата на пациентки кои имаат скратен цервикс, а историја на предходно предвремено породување, може да бидат кандидати и за серклаж, хируршка метода за затворање на грлото на матката со конец или лента.

Ако вашиот лекар препорача хоспитализација, таа може да значи потреба од итно породување, очекувано породување во следните 24 часа или пак третман со цел одложување на породувањето. Зависно од тоа во каков здравствен центар сте ја побарале првата помош понатамошната нега ќе се одвива во истиот, или пак ќе бидете насочени кон друга здравствена установа. Најчестата терапија која се користи кај заканувачко превремено породување во болнички услови е кортикостероидната терапија, магнезиум сулфатот и антибиотиците. Со нивна комбинација се овозможува побрзо созревање на органите на плодот, редуцирање на ризикот за одредени компликации и одложување на породувањето.
Кортикостероидна терапија
Кортикостероидите се лекови кои овозможуваат побрзо и поефикасно созревање на белите дробови на плодот и е даваат пред 34 гестациска недела. Магнезиум сулфатот е лек кој ја намалува шансата твоето бебе да развие церебрална парализа, која е многу често асоцирана со предвремено породување. Дополнително овој лек ја намалува можноста твојата матка да се контрахира, односно ги смирува предвремените контракции и болки. Се препорачува во периодот од 24 до 34 гестациска недела, ако постојат знаци за заканувачко предвремено породување или кога постојат големи шанси да се породите предвреме во тек на следните 24 часа. Антибиотската терапија се дава како превентива кога се очекува брзо предвремено породување, кога постојат јасни знаци за инфекција или пак воденикот прснал предвремено.
Околу половина од жените кои имаат знаци и симптомите на предвремено породување немаат промена во должината и дилатацијата на цервиксот, често нивните контракции исчезнуваат и без терапија. Остатокот остануваат хоспитализирани до повлекување на симптомите. Ако не постои можност да се сопре предвремено породување можеби ќе треба да бидете транспортирани до референтниот терциерен здравствен центар (Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство-Скопје), кадешто се згрижуваат и третираат сите предврмено родени бебиња, кои имаат потреба од специјализирана нега од специјалисти неонатолози во единица за интензивна неонатална нега и терапија. Предвремено родените бебиња имаат поголем ризик да развијат дополнителни здравствени проблеми, како церебрална парализа, или пак потешкотии во развојот, можноста за учење, па дури и промени во однесувањето подоцна во животот.

Categories: Uncategorized