Повик за учество во мобилната гинеколошка амбуланта

ПРИЈАВИ СЕ ЗА УЧЕСТВО ВО МОБИЛНИТЕ АМБУЛАНТИ

Почитувани колеги,

Се надевам сите сте добро и во добро здравје.
Сите сме потресени од новиот Ковид бран и жалиме за оние кои ги изгубија своите животи во тек на овој нов бран на оваа нова, сеуште многу непозната болест.
Ние, како гинеколози-акушери сме секојдневно изложени на многу прашања околу начинот на постапување со трудниците (за коешто досега веќе со Министерството за здравство изготвивме на два пати препораки), но сега се соочуваме со многу прашања околу вакцинацијата со Ковид и бременоста, како и вакцинацијата пред забременување и после породување.

Објавените трудови и анализи во изминатиов период наклонуваа кон вакцинација на оваа ранлива категорија на пациенти, и со тек на времето се повеќе се потврдува дека во однос на тежината на заболувањето и смртните исходи кај заболените, вакцината е далекукратно побезбедна и поефикасна во заштитата, како и во спречувањето на тешките компликации од болеста (тешки форми, хоспитализации, смртен исход).
Бидејќи исправните ставови се базираат на медицина базирана на докази ( нашето Македонско искуство со бременост и Ковид не е занемарливо, но сепак е недоволно бројно за валидни препораки) секако нашето мислење и препораки треба да се базираат на светските статистички податоци кои опфаќаат студии и со повеќе илјади ( и десетици илјади) случаи.

Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство отпочна со процедура за изготвување на препораки за вакцинација во бременост и пред забременување, но и меѓу колегите во другите центри и матичните гинеколози има многу колеги кои се информираат редовно, па би сакал да споделиме доколку имате најнови сознанија и завземеме заеднички став.

Она што досега е користено се препораките на RCOG, ACOG, ASRM, ESHRE и други меѓународни асоцијации, меѓутоа добродојдени се сите и од други извори. Може да споделите и лични искуства и објавени трудови, но тие се со помало ниво на доказ. Се што мислите дека е од интерес и одговара на нашиот локален контекст пратете на contact@agom.org.mk.

Воедно ја користам оваа прилика да ги поканам сите кои сакаат да се вклучат во следната активност организирана со Министерството за здравство и УНФПА, а тоа е мобилна гинеколошка амбуланта која во ова време на КОВИД ќе обезбедува услуги од сексуално и репродуктивно здравје (скрининг на цервикален карцином, антенатални прегледи на трудници, планирање на семејство и друго) да се пријават за учество. Кандидатите кои ќе се пријават ќе поминат кратка обука за работа во амбулантното возило во услови на Ковид 19, и потоа повремено, со заеднички договор за времето и местото ќе бидат дел од екипата која ќе прави еднодневни прегледи (доктор, сестра, возач).
За учество во екипите има и соодветна финансиска надокнада.

Во следниов период ќе продолжиме и со on-line континуирана медицинска едукација, најверојатно во соработка со другите здруженија.
Останете во добро здравје,

Проф.д-р Глигор Тофоски